• недела, 22 декември 2024

Фридом хаус: Србија бележи најголем пад на слободите во Европа

Фридом хаус: Србија бележи најголем пад на слободите во Европа

Белград, 29 февруари 2024 (МИА) - Според овогодинешниот извештај на организацијата Фридом Хаус за степенот на политички права и граѓански слободи за 2023 година, падот на Србија е најголем пад во цела Европа, изјави експертот за Балкан на Фридом Хаус, Александра Карпи, јави дописникот на МИА од Белград.

- Значи, не само на Западен Балкан и не само на глобално ниво, туку и во Европа, таа (Србија) беше лидер, за жал, во намалувањето на правата и граѓанските слободи на граѓаните, изјави Карпи за Гласот на Америка (ВОА).

Слободите во Србија опаѓаат 10 последователни години, па оваа година Србија е на 114 место според листата на Фридом Хаус.

Годинава Србија падна за три поени, што севкупно ја става во првата половина од земјите каде демократијата е во постојан пад во последната деценија.

Александра Карпи изјави дека изборите во Србија се „дел од приказната“ за падот на ранг листата.

- Видовме пад во таа категорија поради украдените избори и можноста тие да влијаат на резултатите во клучните изборни трки како Белград. Цената на ваквата манипулација е што беше загрозена способноста на граѓаните да ги изразат своите проблеми и да учествуваат во демократските процеси. И тоа беше една од причините за падот, со што Србија загуби вкупно три бода, што е доста значајно, рече Капри.

Според неа, и некои други фактори влијат во намалувањето на транспарентноста во изминатите неколку години.

- Јавноста сè повеќе не може да пристапи до информации за набавки, инфраструктурни проекти и други политики за економски развој, рече таа и додаде дека третиот фактор за падот на Србија е падот на индикаторот за приватни дебати, што е резултат на бруталното омаловажување на опозициските политичари и други критичари на режимот, како и откритијата за следењето на опозициските личности.

Таа рече дека „сега постои реален страв дека ќе има некаква одмазда доколку се случи силно спротивставување на оваа власт“.

Во воведот на извештајот на Фридом Хаус за Србија се наведува дека таа е парламентарна демократија со конкурентни повеќепартиски избори, но во последните години „владејачката Српска напредна партија (СНС) постојано ги крши политичките права и граѓанските слободи, вршејќи притисок врз независни медиуми, политичката опозиција и граѓански организации“.

- Во декември, коалицијата предводена од СНС освои апсолутно мнозинство во Парламентот по предвремените парламентарни и локални избори обележани со веродостојни извештаи за нерегуларности. По изборите, повторно се појавија масовни протести во Белград, каде демонстрантите ги осудија наводните измами и манипулации и ги доведоа во прашање конечните резултати од изборите, се додава во извештајот.

Според Фридом Хаус, локалните и меѓународните набљудувачи пријавиле бројни нерегуларности за време на кампањата и на денот на изборите.

- За време на кампањата, неколку фактори доведоа до нееднаков изборен амбиент за кандидатите и обезбедија предности за СНС. Тоа вклучуваше несразмерно висок медиумски пристап што им беше овозможен на владејачките партии, притисок врз вработените во јавниот сектор и социо-економски загрозените жители да ги поддржат носителите на функции, злоупотребата на административните ресурси и централната улога на претседателот Вучиќ на изборите, што придонесе за бришење на границите меѓу државата и владеачката партија СНС, се наведува во извештајот на Фридом Хаус. об/паг/

Остани поврзан