• понеделник, 23 декември 2024

Француските и британските војници првпат заедно парадираа во Лондон и Париз

Француските и британските војници првпат заедно парадираа во Лондон и Париз

Лондон, 8 април 2024 (МИА) - Француски војници денеска по првпат им се придружија на своите британски колеги на познатата церемонија „Смена на стража“ пред Бакингемската палата во Лондон, со кои заедно маршираа во знак на солидарност меѓу двете земји.

На паралелна церемонија во Париз, британските војници учествуваа на првата заедничка воена парада пред Елисејската палата, седиштето на францускиот претседател, додека хорот на француската армија ги пееше националните химни на двете земји.

Паралелните церемонии беа организирани по повод 120-годишнината од потпишувањето на „Срдечниот договор“ (Antente Cordiale) меѓу Франција и Велика Британија, еден од трите договори врз основа на кои во 1907 година беше формирана Антантата - воениот сојуз меѓу двете земји и Русија. „Срдечниот договор“ од 1904 година ги отвори вратите за соработка меѓу двете земји во Првата и Втората светска војна.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека сојузот меѓу двете земји служи како основа за продлабочување на англо-француските односи, особено во време на обновување на војната во Европа.

- Нашиот „срдечен договор“ останува релевантен како и секогаш. Соочени со обновеното избувнување на војна во Европа, заедно ги браниме вредностите што ги споделуваме и ја поддржуваме Украина во нејзината одбрана од агресорите, рече Макрон во видео пораката објавена на социјалните мрежи.

Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон и неговиот француски колега Стефан Сежурне објавија заеднички текст во денешното издание на весникот Дејли Телеграф, во кој апелираат до западните сојузници да ја зголемат финансиската помош за Украина.

„Не е само на Франција и Обединетото Кралство да се соочат со овие предизвици. Но, заедно, можеме да ги повикаме другите да ни се придружат во нивното надминување. Мораме да направиме уште повеќе за да обезбедиме победа над Русија. Светот гледа - и ќе ни суди ако не успееме“, изјавија Камерон и Сежурне.

Чувањето на кралската резиденција во Лондон е церемонијална должност што можат да ја вршат само војници на Обединетото Кралство или на Британскиот Комонвелт. Франција денеска стана првата земја која не е дел од Комонвелтот, а чии војници учествуваа во „Смена на стражата“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан