• недела, 22 декември 2024

Франција размислува за „можни секторски економски санкции“ против Турција

Франција размислува за „можни секторски економски санкции“ против Турција
Париз, 15 ноември 2020 (МИА) - Државниот секретар за европски прашања Клемант Бон во денешното интервју за емисијата „Ле Гранд Ранде-ву“ на радио Европа 1 и дневниот весник Лес Екхо ја спомена можноста за „санкции во одредени економски сектори“ против Турција, со цел да се спротивстави на нејзиниот „агресивен исламизам“ пред портите на Европа, јави дописникот на МИА. - Сите опции се на маса, вклучително и индивидуални санкции, додаде тој, потсетувајќи на оние што веќе беа преземени против одредени турски официјални лица за спорното дупчење на гас во Средоземното Море. - Ја споменувате царинската унија, не верувам дека оваа опција е најефикасна, истакна тој, сепак, во врска со новинарските извештаи за можното укинување на царинската унија меѓу ЕУ и Турција. По низа спорови, Европската унија на крајот на октомври ги осуди „целосно неприфатливите“ провокации од страна на Анкара, но го одложи одлучувањето за можни санкции на нејзиниот самит во декември. - Ние и дадовме шанса на последниот европски самит на Турција, која покажа мали сигнали за помирување (...) Сега таа уште еднаш го избра патот на систематска провокација и агресивност. Сигурно ќе одиме понатаму, нагласи Клемант Бон. Тензиите и споровите се бројни меѓу ЕУ и Турција, особено во источниот дел на Средоземното Море каде откривањето на огромни полиња за гас предизвикува големи апетити. Во последно време, Турција му даде голема поддршка на Азербејџан против Ерменија во конфликтот во Нагорно Карабах. Таа исто така повика на бојкот на француските производи по поддршката изразена од претседателот Емануел Макрон за правото на карикатури во име на слободата на изразување, по убиството на 16 октомври на наставник по историја од страна на исламист, бидејќи наставникот им покажал на неговите ученици карикатури на пророкот Мухамед. - Не, Франција не е сама пред Турција (...) Денес ниту една европска земја нема повеќе илузии за она што се господинот Ердоган и неговиот режим, увери тој. тг/гт/

Остани поврзан