• недела, 22 декември 2024

Формиран Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам

Формиран Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Во Порта Македонија вчера се одржала конститутивна седница на Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Според Љутков, ова тело ќе има клучна улога во обликувањето на културната политика на државата.

Како што соопштија денеска од Министерството за култура, членовите на Советот се од редот на истакнати уметници, стручни лица од областа на културата и лица од јавниот и општествениот живот.

Членови на Советот се проф. д-р Ганка Цветанова (претседател), проф. академик Вера Битракова Грозданова, проф. Атила Клинче, проф. Андријана Јаневска, оперскиот првенец Игор Дурловски, проф. Рефет Абази, проф. д-р Јован Донев, м-р Дејан Пројковски, проф. Антони Мазневски, Сузана Спасовска – пејач солист првенец, режисерот Сашко Мицевски и писателот Блаже Миневски.

- Денешнава седница претставува важен момент не само за Министерството, туку и за целата културна сцена на нашата земја, бидејќи вашата улога не е само советодавна, туку и стратешка, зашто вашите препораки и иницијативи ќе бидат основа за важни одлуки кои ќе влијаат врз обликувањето на културните процеси во земјава. Од вашите забелешки, анализи, препораки и сугестии ќе зависат многубројни одлуки и затоа сум убеден дека Советот ќе биде основен столб за трансформација на културата, како и за препознавање и вреднување на нашето културно наследство“, истакнал министерот Љутков.

Според Законот за култура, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот за култура во врска со прашања од неговата законска надлежност. бт/бак/

Фото: Министерство за култура и туризам

 

Остани поврзан