• среда, 13 ноември 2024

Фон дер Лајен по средбата со Туск: Полска ни е потребна на бродот на ЕУ 

Фон дер Лајен по средбата со Туск: Полска ни е потребна на бродот на ЕУ 

Брисел, 15 декември 2023 (МИА) - Загриженоста за владеењето на правото во Полска досега го ограничуваше капацитетот на ЕУ да и помогнеме на земјата да ја модернизира својата економија и да ги спроведе зелената и дигиталната транзиција и затоа сега треба да го надоместиме изгубеното време, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата со новиот полски премиер Доналд Туск на маргините на Самитот на ЕУ во Брисел. 

- Времињата се предизвикувачки и Вашата лична посветеност и европско искуство ќе бидат непроценливи за нашето европско семејство. Ни претстои многу работа и среќна сум што можеме да го направиме тоа, му порача Фон дер Лајен на Туск, кој е поранешен претседател на Советот на ЕУ. 

Таа нагласи дека ја поздравува посветеноста на Туск да го постави владеењето на правото на врвот на агендата на неговата Влада и да одговори на сите грижи што беа изразени во последните години од страна на европските институции во однос на случувањата во Полска.  

- Го поздравувам и тоа што презедовте иницијатива Полска да се приклучи на Европското јавно обвинителство. Ова е одлична вест пред се за полските граѓани, но и за европските партнери и европските граѓани, додаде претседателката на Еврокомисијата. 

Според неа, ЕУ и Полска треба го надоместат изгубеното време и ќе треба да работат напорно со цел заедно да ги решат сите прашања. 

- Комисијата работи на тоа да и префрли пет милијарди евра на Полска како предфинансирање пред крајот на годината. Ова ќе и помогне на Полска да ги модернизира своите енергетски системи и напорите за декарбонизација. Навистина, борбата против климатските промени е најсуштинскиот приоритет за сите нас. Полска ни треба на бродот. Бидете сигурни дека Комисијата стои на ваша страна, нагласи Фон дер Лајен. 

Туск од своја страна истакна дека сите што ги знаат европската и полската реалност се свесни дека Полска немала толку голем пријател како што е претседателката на ЕК, на која и се заблагодари за одлуката за исплатата на средства од фондовите на ЕУ за неговата земја.  

- Знаеме дека владеењето на правото е многу важно, се работи за нашето место во Европа, за нашите вредности, истакна Туск. 

Според него, полските адвокати, обвинители, судии и граѓани некогаш не се согласувале со изградбата на Полска без владеење на правото и никогаш не се откажале од борбата за овој принцип. 

- Доделените пет милијарди евра ќе бидат божиќен подарок. Тоа не е мал подарок, тоа се многу важни средства, кои ќе бидат употребени за зајакнување на нашата енергетска сувереност. Ќе се потрудиме овие средства да ги искористиме на соодветен начин, додаде Туск.  

Тој истакна дека приклучувањето на Полска кон Европското јавно обвинителство е многу важен потег, која ја покажува сериозноста во намерите не земјата да го почитува владеењето на правото и соодветно да ги користи средствата од европските фондови. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан