• сабота, 21 декември 2024

Фон дер Лајен ненајавено се појави на брифингот во ЕК за да му заблагодари на Мамер за соработката

Фон дер Лајен ненајавено се појави на брифингот во ЕК за да му заблагодари на Мамер за соработката

Брисел, 28 ноември 2024 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ненајавено се појави на редовниот пладневен прес-брифинг во Берлемон со цел да му изрази благодарност на главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер за досегашната успешна соработка, врачувајќи му буџет цвеќе. 

- Очигледно е време да се каже збогум. Ерик ти беше мајсторот на пладневните брифинзи и мој глас во изминативе пет години, па затоа сакав да ви се заблагодарам тебе и на целиот тим на Службата на портпароли од дното на моето срце, рече Фон дер Лајен која влезе во салата додека портпаролот за буџет, човечки ресурси, хуманитарна помош и кризен менаџмент Балаж Ујвари одговараше на новинарско прашање. 

Фон дер Лајен истакна дека Мамер бил како „утринско кафе“, кој без разлика колку и да биле тешки состојбите тоа секогаш било компензирано од неговиот „фантастичен хумор“, што и го направил животот позитивен. 

- Помина со мене низ сите кризи, сите подеми и падови, сите итни случаи и сите тешки моменти, секогаш наоѓајќи вистински зборови. Ти беше фантастичен придружник во моите мисии без разлика дали тоа е возот за Киев или патувањето во Белата куќа или која било друга мисија. Знам дека овој пат беше исклучително напорен, изјави Фон дер Лајен. 

Таа упати и извинување до семејството на Мамер за тоа што многу често бил одвоен од нив и биле прекинувани од нејзините телефонски повици дури и за викенди. 

- Само сакав да се заблагодарам за извонредната работа што ја направивте за овие пет години, додаде Фон дер Лајен. 

Инаку, ова беше последен пладневен прес брифинг во мандатот на сегашната Европска комисија, кој завршува на 1 декември. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан