• петок, 05 декември 2025

Фондацијата „Вечна“ почна да стипендира истражувања поврзани со македонските идентитетски прашања

Фондацијата „Вечна“ почна да стипендира истражувања поврзани со македонските идентитетски прашања

Тетово, 23 јули 2025  (МИА) - Глобалната Македонска фондација „Вечна“ започнува со стипендирање на студенти на трет циклус на студии во областа на историските науки, културната антропологија и идентитетските прашања. 

Фондацијата „Вечна“ со седиште во Тетово, основана од семејството Крстески кои живеат во Германија, по основавањето во мај годинава почна со најавеното стипендирање на докторски студии поврзани со македонската историја и културно наследство. Фондацијата дава поддршка за истражувања во областа на историските науки, културната антропологија и идентитетските прашања. 

Целта на стипендирањето е да се поддржат млади и посветени истражувачи кои преку научната мисла ќе придонесат кон афирмација, заштита и развој на македонскиот културно-историски идентитет, на национално и глобално ниво. До Фондацијата се веќе пристигнати 10-тина иницијативи за финансиска поддршка, а по детална проверка Фондацијата сукцесивно ќе известува за одобрените истражувачи. 

-Го објавуваме нашиот прв истражувач чии истражувања се поддржани од нашиот Фонд за млади истражувачи. Станува збор за м-р Владимир Грујески, постојан судски преведувач македонски-италијански и обратно. Тој е магистер по меѓународни односи и европски студии на факултетот за политички науки „Чезаре Алфиери“ при Државниот универзитет Фиренца во Италија. Има магистрирано на темата „Италијанската надворешна политика кон Македонија од крајот на XIX век до 1919 година", информираат од Фондацијата.

Фондацијата е основана од семејството Крстески од Германија, кои се по потекло од Тетово, со намера да се поврзе македонската дијаспора, бизнис секторот и академската заедница во насока на поддршка и развој на македонската наука.

Во Фондацијата се вклучени поголем број Македонци кои во европските метрополи работат како универзитетски професори, лекари и научници. ас/хс/

Фото: Фондација „Вечна“ 

 

Остани поврзан