Филипче: Надворешна политика ни е импровизација
- Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.
-Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано.Првпат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата, рече Филипче.
Toj смета дека за двете резолуции во ОН требало да се гласа „за“, бидејќи тие не се косат една со друга туку се надополнуваат.
Владата, според него, го напушта курсот на Европската Унија и нејзините земји членки и со нејзиното неконзистентно однесување во надворешната политика делува како „залутан играч“ на меѓународната сцена.
-Додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Северна Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови, смета Филипче.
Доказ за тоа, како што кажа, е воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, со кое нашата земја се стави во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија, додека сите наши соседи гласаа „за“. - Што бара Северна Македонија во оваа група, праша лидерот на опозициската партија.
Дали сме европска земја или, додаде Филипче, сакаме да останеме во некоја геополитичка изолација. Според него, со овие хаотични и неразбирливи одлуки, Северна Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација.
- Во глобалната политика, каде секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана, потенцира Филипче.
Претседателот на СДСМ смета дека конфузна е одлуката на Владата да ја коспонзорира резолуцијата предложена од САД, а потоа да гласа воздржано.
- Ваквите потези, донесени врз основа на лични проценки на премиерот Христијан Мицкоски, покажуваат дека земјава нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизации, потенцира Филипче.
Европската и резолуцијата на САД не се косат една со друга, тие се надополнуваат. - Франција, Германија, Италија и многу други европски земји гласаа „за“ американската резолуција. Ако веќе сме биле коспонзори, зошто не сме гласале за неа? Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Мицкоски, зошто гласавме спротивно од сите европски земји? Гласањето за двете резолуции ќе значеше јасен став дека поддржуваме постигнување на мир во Украина за што пократко време, рече Филипче и додаде дека наместо јасен став по овие прашања добивме одговор дека премиерот така одлучил.
Според Филипче, многу помудро ќе беше земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон САД.
Филипче вели дека немал комуникација со премиерот за да се информира за плановите на Владата, повикувајќи повторно на одржување затворена собраниска седница доколку има сензитивни информации во делот на меѓународните односи.
Претседателот на СДСМ, одговарајќи на новинарски прашања рече дека во текот на вчерашниот ден бил контактиран од некои амбасади од земјите од ЕУ од каде била искажана загриженост за овој начин на гласање на Владата.
-Амбасадите ме контактираа во текот на вчерашниот ден од неколку европски земји и тие ја искажаа нивната загриженост за овој начин на гласање на Владата, рече Филипче.
Загриженост, како што рече, искажал и европратеникот известувач за Северна Македонија, Томас Вајц.
- Укажаа дека е навистина загрижувачки и исто така европратеникот кажа дека ниту му е него јасно што е вистинската причина за тој став, рече Филипче.
Тој го поздрави продлабочувањето на стратешкото партнерство со САД, но побара одговори од Владата која е целта за оваа поддршка на новата администрација на САД, што побарала Владата и што очекува од тоа.
-Што се однесува до интензивните посети на владините претставници во САД, СДСМ ги поздравува овие напори за продлабочување на стратешкото партнерство со САД. Она што останува нејасно, е со која цел се овие посети и што може да очекуваме како исход од нив. Освен флоскули како „ние сме први во редот“ и „ова е новото нормално“ засега не е јасно што Владата побарала и очекува од новата администрација во САД. Сме имале поддршка, но никој се уште не слушна каква е таа поддршка и што тоа значи во остварување на целите и интересите на граѓаните, потенцираше Филипче.
Опозициската партија повикува и прашува кој е планот во делот на надворешната политика и кои се чекорите.
-Владата кажува имаме поддршка во делот на подобрување на нашата положба за преговорите, меѓутоа не кажува ниту каква е таа поддршка ниту од кого. Не кажуваат дали овие чести средби и посети во САД се токму во тој контекст. Навистина треба да го соопштат тоа, навистина секоја поддршка е добредојдена. Меѓутоа ништо конкретно во овој момент за жал, не гледаме. Некако како да е се конфузно и како Владата да се движи без компас. Станува збор за стратешкот правец на земјата којашто повеќе од три децении е тој којшто е. Со јасно стратешко партнерство и со европските земји и со САД. Секогаш во делот на надворешната политика нашата стратегија се градела во контекст на взаемно партнерство и со ЕУ и со САД, рече Филипче. ев/ац/
Фото: МИА