• понеделник, 15 декември 2025

Ушаков: Русија не очекува многу од разговорите во Берлин

Ушаков: Русија не очекува многу од разговорите во Берлин

Москва, 14 декември 2025 (МИА) - Русија не очекува многу од разговорите во Берлин за прекин на огнот во Украина, изјави советникот за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, цитиран од ДПА.

Ушаков тврди дека придонесот на Украина и европските сили кон мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп „веројатно нема да биде конструктивен“.

„Тоа е проблемот“, рече тој, нагласувајќи ја довербата на Русија дека американската страна ја разбира позицијата на Русија.

Ушаков ги даде коментарите на руската државна телевизија пред два дена, но снимката беше емитувана денеска.

„Русија нема да се откаже од своите територијални претензии, вклучително и целосното повлекување на украинските сили од оние делови од регионите Донецк и Луганск што руските трупи сè уште не ги окупирале“, јасно стави тој до знаење.

-Прашањето за териториите беше активно дискутирано генерално во Москва, рече Ушаков, осврнувајќи се на разговорите претходно овој месец меѓу Путин и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.

„Американците не само што ја знаат нашата позиција, туку ја разбираат“, рече Ушаков.

Москва остана незапознаена за плановите на Украинците и нивните европски сојузници, нагласи советникот на Путин. „Малку е веројатно дека тоа ќе биде нешто добро“, рече тој. Ушаков рече дека соништата на Зеленски за членство на Украина во НАТО и враќање на Кримскиот полуостров, анектиран од Русија во 2014 година, немаат шанси да се остварат.

Претходно денеска, специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, пристигнаа во Берлин на чело на американската делегација за разговори за прекин на огнот во Украина. Се очекува разговорите да се одржат меѓу американската делегација, украинските претставници и претставниците на европските сили. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, пристигна во Германија.

Украина е во дефанзива откако беше нападната од Русија во февруари 2022 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан