• четврток, 19 декември 2024

Учениците кои наставата од прво одделение ја следат на српски јазик, ќе добијат учебник на мајчин јазик

Учениците кои наставата од прво одделение ја следат на српски јазик, ќе добијат учебник на мајчин јазик
Скопје, 14 август 2021 (МИА) -Учениците кои наставата од прво одделение ја следат на српски наставен јазик, од новата учебна година ќе добијат материјали за учење на својот мајчин јазик. Со тоа, според авторките на учебникот по српски јазик Билјана Спасовска, Дарија Ковачевиќ-Божиновска и Милица Маринковиќ, ќе биде исполнета една огромна празнина во образовниот процес. -Сите знаеме дека моментите на поаѓање во училиште и држење на првиот буквар се памети целиот живот, а учениците беа ускратени за тоа непроценливо искуство. Затоа со задоволство се јавив на конкурсот за изработка на наставните програми, а посебно на учебниците по српски јазик за 1. одделение. Со пишувањето на овој материјал првачињата новата учебна година ќе ја започнат со еден содржински богат и колоритен учебник кој ќе им биде основа на описменувањето и негувањето на својот мајчин, српски јазик, вели Спасовска. Ковачевиќ-Божиновска пак, потенцира дека наставниот материјал во прво одделение по новата концепција ќе биде реализиран преку неколку подрачја како што се слушање и говорење, почетно читање и пишување, литературно изразување, творење и медиумска култура. -Најголемата новина е таа што во прво одделение започнува описменувањето и се надевам дека првачињата со леснотија ќе го совладаат тој предизвик, преку игра, забавни активности во согласност со возраста на децата. На сите ученици, а особено на првачињата им посакувам среќен и успешен почеток на новата учебна година, кој се надевам ќе вроди со плод преку новиот начин на учењето, нагласува Ковачевиќ-Божиновска. Како што информира МОН од први септември наставата во прво и четврто одделение ќе започне според новата концепција, по нови наставни програми и со нови материјали за учење. Целта е да го поттикне критичкото размислување кај учениците и носење на заклучоци врз основа на анализа, при што знаењата ќе се стекнуваат преку учење со разбирање, без досегашното фактографско меморирање. Истовремено, со концепцијата е предвидено и учење и стекнување на основни граѓански вредности, како што се заштита на животната средина, медиумска писменост, недискриминација и заштита од корупција. -Планот е реформата во деветолетката да се спроведува етапно и целосно да се имплементира во следните 5-6 години, информираат од Министерството. свс/бак/

Остани поврзан