• петок, 22 ноември 2024

Уставниот суд оформи пет нови предмети

Уставниот суд оформи пет нови предмети
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Во периодот од 3 до 17 август 2022 година до Уставниот суд се поднесени пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и законскиот застапник Павле Беловски, преку адвокатот Горан Андревски, поднеле иницијатива до Судот, која се однесува на член 10 од Законот за изменување и дополнување на законот за вработени во јавен сектор. Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се овозможува повратно дејство со кое на конкретно лице му е направена значителна штета, повредени му се слободите и правата и е ставен во понеповолна положба пред Уставот и законите, бидејќи членот 10 предвидува изземање на вработените кои ќе остварат право на пензија во рок од 10 години од денот на отпочнување на примена на законот. Ова според подносителот е противправна категоризација на вработените со ист статус и иста правна состојба да можат подеднакво да ги остваруваат стекнатите права од работен однос. Подносителот на иницијативата, како што информираат од Судот, наведува дека вработените на кои им се укинуваат правата според оспорениот закон, веќе се стекнале со права и обврски од работен однос според условите и правилата кои биле предвидени со тогашните закони. Според тогаш бараните законски услови, вработените веќе биле подложени на вреднување по однос на стручни и работни компетенции и квалификации за стекнување на конкретното работно место и звање во хиерархијата на работни места. Во иницијативата се наведува дека со вака оспорената одредба се создава правна ситуација од можно губење на стекнато право од работен однос. Подносителот смета дека оспорената одредба е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот кој предидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога е поволно за граѓаните. До Судот поднесени се иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на членовите 6, 9, 16 и 22 од Законот за даноците на имот, за Одлука на Советот на општина Охрид број 07-3165 од 29.12.2008, за членот 5 од Колективниот договор на МВР објавен во „Службен весник на Република Македонија бр.149 од 05.07.2021 година”, како и за членот 219 став 2 кој гласи: „Прекинот на постапката во случаите од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член може да трае најдолго една година”. дма/сп/

Остани поврзан