• понеделник, 23 декември 2024

Успешен експеримент: Нема знаци на зараза по рок концертот во Барселона

Успешен експеримент: Нема знаци на зараза по рок концертот во Барселона
Барселона, 27 април 2021 (МИА) - По рок-концертот со 5.000 присутни, што се одржа како своевиден експеримент на 27 март во Барселона, нема знаци на зараза, соопштија денеска организаторите. Две недели по тој концерт, сите учесници беа подложени на ПЦР тестирање и „нема знаци дека вирусот е пренесен за време на настанот, што беше целта на оваа студија“, рече д-р Жозеп Марија Либре на прес-конференција. Публиката, која беше подложена на антигенски тестови пред концертот, носеше маски ФФП2. Според лекарите, само шест позитивни случаи од 5.000 посетители биле откриени две недели по концертот, а организаторите се сигурни дека „четири од овие шест случаи на пренесување на вирусот не се случиле за време на концертот“. - Со оптимизирана вентилација, тестирање на антиген и носење маска, можеме да гарантираме безбеден простор“, додаде тој. Покрај тестовите и маските FFP2, строго се контролираа и вентилацијата, како и објектите за прием на критичните места, како што се тоалетите. Организаторите сакаа да покажат дека концерти се можни и покрај пандемијата, и ова искуство е едно од ретките што се случи во Европа на актуелната музичка сцена. Друг, сличен концерт се одржа на почетокот на март во Холандија со 1.300 посетители. Уште во декември, истиот тим на истражувачи организираше пилот проект во сала во Барселона со 500 посетители кои претходно беа тестирани. Неколку дена подоцна, никој не беше заразен со коронавирус. ссм/

Остани поврзан