• петок, 22 ноември 2024

Усик се откажа од ИБФ појасот

Усик се откажа од ИБФ појасот

Ријад, 26 јуни 2024 (МИА) - Помина нешто повеќе од еден месец откако Александар Усик стана неприкосновен шампион во тешка категорија, со што стана првиот боксер на кого тоа му успеало по четврт век, а сега реши да се откаже од еден од појасите.

Со поделена одлука на судиите, по 12 рунди со Тајсон Фјури, украинскиот боксер го победи „кралот на циганите“ и дотогаш непоразениот тешкаш на 18 мај во Ријад, каде во својата колекција го додаде појасот од категоријата ВБЦ ( ВБА, ВБО, ИБФ).

Иако се очекуваше дека Украинецот ќе ја задржи сопственоста на сите четири појаси, а со тоа и епитетот на неприкосновен шампион кој боксот го нема видено од 1999 година и Ленокс Луис, Александар Усик ги изненади љубителите на оваа благородна вештина, откажувајќи се од појасот на ИБФ во корист на британските боксери Ентони Џошуа и Даниел Дубоа.

Нивниот дуел е закажан за 21 септември на „Вембли“.

-Ентони и Даниел, знам дека титулата на ИБФ е важна за вас. Тоа е мојот подарок за вас, напиша Украинецот на социјалните мрежи.

Како што пренесуваат светските медиуми, Усик побарал да не му биде одземен појасот од ИБФ до мечот со Фјури, за да може да го дочека реваншот на 21 декември со титулата неприкосновен светски шампион. Но, ИБФ мораше да застане и да му го одземе појасот на Усик, бидејќи тој не се бори со задолжителниот предизвикувач (Даниел Дубоа).

Да потсетиме, Александар Усик го совлада Тајсон Фјури (2:1), забележувајќи 22 триумфи во кариерата, додека „кралот на циганите“ по 34 победи и едно реми, го забележа првиот пораз во кариерата. дс

Фото: Архива

Остани поврзан