• петок, 05 декември 2025

Управата за заштита на културното наследство учествува на Медитеранската берза за археолошки туризам

Управата за заштита на културното наследство учествува на Медитеранската берза за археолошки туризам

Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) - Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија и годинава е дел од престижната Медитеранска берза за археолошки туризам (Borsa Mediterranea del Turismo Archeologico – BMTA) која од 30 октомври до 2 ноември 2025 се одржува во Пестум, Италија.

УЗКН соопшти дека целта на континуираното учество на оваа Берза е промоција и популаризација на нашето богато културно и археолошко наследство, а годинава и афирмација на традициите поврзани со лозарството и винарството како дел од културниот идентитет на Тиквешкиот регион.

-Ова е петто учество на Република Македонија на овој престижен меѓународен настан, што ја потврдува континуираната и плодна соработка со Република Италија во областа на заштитата и промоцијата на културното наследство. Македонскиот штанд, кој традиционално ги претставува највпечатливите археолошки локалитети, цркви и манастири, оваа година е збогатен и со содржини подготвени од Винскиот музеј од Кавадарци. Оваа година штандот на Управата го посети и амбасадорот на Република Македонија во Италија, Весел Мемеди, соопшти Управата за заштита на културното наследство. 

Медитеранската берза за археолошки туризам е единствен настан од ваков вид во светот, под покровителство на УНЕСКО и Светската туристичка организација (UNWTO). Таа претставува меѓународна платформа за средби, размена на искуства и развој на интеркултурен дијалог меѓу институции, музеи, универзитети, туристички оператори и професионалци од областа на културниот туризам.

-Со ова учество, Управата за заштита на културното наследство повторно ја потврдува својата заложба за активно претставување на Република Македонија на меѓународни форуми и за унапредување на видливоста на националното културно наследство како ресурс за одржлив развој и културна дипломатија, се наведува во соопштението ан УЗКН. хс/дма/

Фото: Управа за заштита на културното наследство

 

 

Остани поврзан