• среда, 03 јули 2024

Украина предупредува дека претстојат тешки зимски месеци

Украина предупредува дека претстојат тешки зимски месеци

Киев, 21 септември 2023 (МИА) - Украина денеска предупреди дека претстојат тешки зимски месеци, откако „масовните“ руски ракетни напади насочени кон цивилна инфраструктура резултираа со смртни случаи и повредени низ цела Украина.

Цел на Москва беа градовите од Ривне во западна Украина до Херсон на југ, главниот град Киев и градовите во центарот и североисточниот дел на земјата.

Најмалку три лица загинаа во Херсон, а многумина беа ранети во други делови на Украина, додека властите се уште трагаат по жртви во некои градови.

Русија ги започна нападите додека Украина се подготвува за третата зима под 19-месечната инвазија на Москва, и додека претседателот Володимир Зеленски е во Вашингтон по вторпат од почетокот на војната.

„Претстојат тешки месеци - Русија ќе ја нападне енергетската инфраструктура и клучните објекти“, рече Олексеј Кулеба, заменик-шеф на претседателскиот кабинет. Тој додаде дека Москва е насочена кон „цивилна инфраструктура“ низ Украина.

Гувернерот на Херсон, Олександар Прокудин, изјави дека двете жртви се мажи на возраст од 29 и 41 година.

Градоначалникот Роман Мрочко подоцна изјави дека е убиена и 81-годишна жена.

Државниот енергетски оператор „Укренерго“ објави дека 398 населени места се без струја, бидејќи нападите ги оштетиле енергетските капацитети низ земјата.

„Има делумни прекини на снабдувањето со електрична енергија во регионите Ривне, Житомир, Киев, Днепропетровск и Харков“, наведоа тие на Телеграм.

Руските ракетни напади доаѓаат за време на престојот на Зеленски во САД, во обид да обезбеди нова помош за Украина - која со месеци води контраофанзива.

Тој треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и да оди во Пентагон да побара дополнително оружје за Киев, откако се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што го осуди рускиот „геноцид“. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан