• петок, 22 ноември 2024

Украина потврди дека загинал пилот при пад на Ф-16

Украина потврди дека загинал пилот при пад на Ф-16

Киев, 29 август 2024 (МИА) - Украински борбен авион Ф-16 се урна, соопшти украинската војска, што претставува прва загуба од ваков тип откако во земјата пристигнаа долгочекуваните американски авиони. Авионoт се урнал, а пилотот загинал додека се приближувал до целта за време на руски воздушен напад, соопшти денеска во објава на Фејсбук Главниот штаб на Украина.

Авионите од типот Ф-16 „покажаа висока ефикасност“ и соборија четири руски крстосувачки ракети, се наведува во соопштението. „Врската со едно од леталата беше изгубена додека се приближуваше до следната цел. Како што се покажа подоцна, авионот се урнал, а пилотот загинал,“ стои во соопштението.

Украина не откри детали за големината на својата нова флота, но загубата на Ф-16 значително ги ослабува постоечките капацитети. Според добро информиран извор, „Тајмс оф Лондон“ наведува дека Украина поседува шест такви авиони.

Претседателот Володимир Зеленски потврди на 4 август дека украинските пилоти започнале со управување на авионите Ф-16, нарекувајќи го овој момент важна пресвртница во борбата против руската инвазија која започна пред 29 месеци.

Според американски функционер, се чини причина за падот не е руски оган, туку најверојатно се работи за пилотска грешка или механички дефект, што сѐ уште се истражува.

Воени аналитичари проценуваат дека пристигнувањето на мал број авиони, иако значајно, веројатно не може да го промени текот на војната. Русија имаше доволно време да ја подготви својата одбрана против Ф-16, додека Украина мораше да се потпре на своите ограничени воздушни сили кои се далеку помали и помалку софистицирани од руските.

Западната команда на украинските воздушни сили објави на Фејсбук некролог за пилотот Олексиј Меси, наведувајќи дека загинал во понеделникот додека одбивал напад, но не е спомнато дека управувал со Ф-16. Си-Ен-Ен извести дека неговиот прекар бил Moonfish и дека во 2023 година бил обучуван за мисии со Ф-16. Киев од почетокот на руската инвазија повикуваше на испорака на модерни авиони од сојузниците за да ја зајакне својата мала и стара советска флота. ссм/

фото: ЕПА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан