• понеделник, 06 мај 2024

Украина ги повлекува американските тенкови „Абрамс“ од првата борбена линија

Украина ги повлекува американските тенкови „Абрамс“ од првата борбена линија

Кеив, 26 април 2024 (МИА) - Украина ги отстрани борбените тенкови „Абрамс М1А1“ од фронтот, потврдија двајца американски воени претставници. Ваквиот потег тие го објаснија со тоа што руските беспилотни летала ја отежнале операцијата на тенковите.

САД се согласија да испратат 31 „Абрамс“ во Украина во јануари 2023 година по агресивната повеќемесечна кампања на Киев. Украинците тврдат дека тенковите, кои чинат околу 10 милиони долари по парче, се клучни за нивната способност да ги пробијат руските линии.

Пет од 31 тенк веќе се изгубени во руските напади. Висок американски воен функционер, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека ширењето на беспилотните летала на украинското бојно поле значи дека „нема отворен терен преку кој можете само да возите без страв дека ќе бидете откриени“.

Дека тенковите се поместени од линијата на фронтот потврди и потпретседателот на Здружениот Генералштаб Кристофер Грејди, но најави и дека Вашингтон ќе му помогне на Киев да подготви нова тактика.

-Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масивниот оклоп во средина каде што се присутни беспилотни воздушни системи може да биде изложен на ризик. Ќе работиме со нашите украински партнери и другите партнери на теренот, за да им помогнеме да размислат како можат да ги користат, во таква променета средина, каде што сè е веднаш видливо, рече тој, додавајќи дека тенковите се сè уште важни. мс/

фото: „Х“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан