Уапсени четири лица за смртоносниот напад врз џамијата во Исламабад, денеска погребани жртвите на нападот
- Илјадници ожалостени лица денеска се собраа во Исламабад за да ги погребаат 32 лица кои беа убиени во вчерашниот самоубиствен бомбашки напад во шиитската џамија за време на петочната молитва, додека градот ги засили безбедносните мерки поради страв од нови напади
Исламабад, 7 февруари 2026 (МИА) - Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мошин Накви, денеска изјави дека властите уапсиле четири лица за кои се верува дека вчера му помогнале на бомбаш самоубиец да ја нападне шиитската џамија во Исламабад, во која загинаа 32 лица.
Британските медиуми пренесуваат дека Накви на прес-конференцијата изјави дека четирите лица, вклучувајќи го и организаторот на нападот, се уапсени по рациите во Пешавар и Ноушера.
Илјадници ожалостени лица денеска се собраа во Исламабад за да ги погребаат 32 лица кои беа убиени во вчерашниот самоубиствен бомбашки напад во шиитската џамија за време на петочната молитва, додека градот ги засили безбедносните мерки поради страв од нови напади.

Во вчерашниот напад еден човек отвори оган врз џамијата Кади Тул Кубра Имамбарг на периферијата на пакистанскиот главен град, а потоа детонираше бомба во која загинаа 3е лица, вклучувајќи се и себеси, а беа повредени повеќе од 170 други.
Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, најсмртоносниот од ваков вид во Исламабад за повеќе од една деценија, во соопштение преку апликацијата за пораки Телеграм.
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, изјави дека напаѓачот имал историја на патувања во Авганистан и ја обвини Индија за вмешаност, без да даде докази.
Индиското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата и го осуди нападот.
Шиитите, малцинство во Пакистан, претходно беа цел на секташко насилство, вклучително и напади од Исламска држава.
Ова е втор самоубиствен напад во Исламабад во последните три месеци.сд/
Фото: МИА архива