Во Турција минатата недела убиени 26 курдски борци и покрај прогласувањето прекин на огнот
- Турските безбедносни сили минатата недела убиле 26 курдски борци, соопшти Министерството за одбрана.

Анкара, 6 март 2025 (МИА) - Турските безбедносни сили минатата недела убиле 26 курдски борци, соопшти Министерството за одбрана.
Во соопштението на Министерството се наведува дека Курдите биле убиени во воени операции во неколку области, вклучително и северен Ирак и Сирија.
Во соопштението се додава дека армијата „одлучно ќе ја продолжи борбата против тероризмот додека не остане ниту еден терорист“.
Курдистанската работничка партија (ПКК), забранета во Турција, прогласи прекин на огнот во саботата во својот 40-годишен бунт против турската влада, одговарајќи на повикот на водачот на групата, Абдула Оџалан, кој се наоѓа во турски затвор, да се разоружа на 27 февруари.
Оџалан, кој од 1999 година отслужува доживотна казна затвор на остров во близина на Истанбул, ја повика својата група да свика конгрес и да донесе одлука за распуштање. ПКК апелираше Оџалан да биде ослободен од затвор, „лично да го води“ конгресот и да ја спроведе својата одлука.
Лидерот на Сириските демократски сили предводени од Курдите, поддржани од САД, рече дека повикот на Оџалан за прекин на огнот не се однесува на неговата група во Сирија.
Турската влада, сепак, вели дека сите курдски групи за кои тврди дека се поврзани со ПКК - без разлика дали се во Турција, Сирија или Ирак - мора да бидат распуштени.
Ердоган минатата недела предупреди дека воените операции ќе продолжат доколку е потребно.
Десетици илјади луѓе се жртви на конфликтот меѓу Турција и ПКК од неговиот почеток во 1984 година.
Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат ПКК за терористичка организација. паг/
Фото: МИА архива