Турција издаде нова Навтекс за сеизмички истражувања, демарш од Атина до Анкара
- Упатства за нов демарш до Турција, дал министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, по новата турска навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања, соопштија од грчко
Атина, 1 ноември 2020 (МИА) – Упатства за нов демарш до Турција, дал министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, по новата турска навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција велат дека новата турска навигациска информација за периодот од 1 до 14 ноември опфаќа дел од грчкиот континентален гребен и „уште еднаш потврдува дека Турција продолжува да ги игнорира основните правила на меѓународното право“ и ја повикуваат Анкара да ја отповика издадената Навтекс.
-Овие активности одново покажуваат дека Турција продолжува да дејствува спротивно на повиците на меѓународната заедница, вклучувајќи ги и заклучоците на Европскиот совет од минатиот октомври, кој ја повика Турција да ги прекине овие активности. Грција одново го осудува ова нелегално однесување, што ја оддалечува перспективата за еден конструктивен дијалог и ја повикува Турција, веднаш да ја отповика нелегалната Навтекс што ја издаде, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција.
Освен демаршот до Анкара, Атина ќе ги извести и партнерите и сојузниците за, како што велат од грчкото МНР „континуираното турско провокативно однесување“.
Грција и пред една седмица достави демарш до Турција за тогашната Навтекс. ср/ссм/