• понеделник, 23 декември 2024

Турскиот истражувачки брод излезе од грчкиот континентален гребен

Турскиот истражувачки брод излезе од грчкиот континентален гребен
Атина, 1 февруари 2020 (МИА) - Турскиот истражувачки брод „ORUC REIS“, кој вчера навлезе во грчкиот континентален гребен, пловејќи западно и вон претходно најавениот план, денеска излезе од грчкиот дел и се движи кон исток, а го следи фрегата од воената морнарица на Грција. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера одржа вонреден состанок со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот, за да се информира за ситуацијата со турскиот брод, а портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, утрово, во интервју за грчката телевизија „Скај“, рече дека лошите временски услови најверојатно се причина за навлегувањето во континенталниот гребен на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. - Врз основа на информациите што ги имавме од експертите кои заминаа во областа, како и од фрегата и сите средства што ги има грчката армија, видовме дека веројатно станува збор за прашање што се должи на временски услови. Смирено ги следиме сите овие случувања и она што Грците треба да го знаат е дека земјата е подготвена да ги брани своите суверени права. И секогаш ќе го прави она што е потребно со смиреност и самоувереност, рече Пецас. Тој додаде дека од начинот на кој реагираат грчките вооружени сили, не само сега туку долги години, „јасно е дека не е потребно никој да ги тестира за да ја разберат подготвеноста“. Турскиот истражувачки брод, вчера наутро, од кипарската ексклузивна економска зона, каде што и била најавена пловидбата, се придвижил кон грчкиот континентален гребен, јужно од грчкиот остров Кастелоризо и источно од Крит. ср/гт/

Остани поврзан