Турската амбасада го одбележа 30 Август – Денот на победата на Турција
- Во резиденцијата на турската Амбасада во Скопје попладнево беше одбележан 30 Август – Денот на победата на Турција.
Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Во резиденцијата на турската Амбасада во Скопје попладнево беше одбележан 30 Август – Денот на победата на Турција.
Амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој го честиташе празничниот ден и нагласи дека е среќен што има можност Денот на победата да го прослави во Северна Македонија – земјата во која се наоѓала Воената академија во Битола каде дипломирал Мустафа Кемал Ататурк.
- Како резултат на големата офанзива започната на 26 август која од своето планирање до извршување беше генијално спроведена, нашата армија со невидена победа ја спаси татковината од окупација и така на целиот свет му обзнани дека слободата и независноста се карактерот и судбината на турскиот народ. Со инспирацијата, моќта и храброста ги продолжуваме нашите заложби за посветла и попросперитетна иднина за Турција. Република Турција, која беше формирана по битката на независност и чија 101-годипшнина ќе ја славиме годинава, во изминатиов период се зајакна во сите области. Модерната држава Република Турција основана врз цврсти темели реализирајќи големи подвизи во сите области од одбранбената индустрија до транспорт, од економијата до енергетиката и образованието, со својата динамична економија го продолжи својот подем како модерна и просперитетна држава која дава конструктивен придонес на светот и човештвото, рече турскиот амбасадор.
Улусој истакна дека во услови кога регионите кои ја опкружуваат Турција се претворени во огнени кругови, високото ниво на моќ и одвраќање на Турција на воен и технолошки план, како и од аспект на човечки ресурси, повеќе претставува обврска отколку избор.
-Со оваа мисла реализиравме големи подвизи во одбранбената индустрија, ги мобилизиравме сите наши можности со цел да го издигнеме на максимално возможно ниво процентот на домашните национални капацитети. Благодарение на овие алтруистички заложби, Турција денес се наоѓа меѓу десетте земји во светот кои ги проектираат, градат и одржуваат сопствените воени бродови. Воедно, сме меѓу четирите земји во светот по производство на беспилотните летала ИХА и СИХА. Со компетенциите, оперативните способности и обуките на високо ниво на нашите копнени, поморски и воздушни сили им влеваме доверба на нашите сојузници, меѓу кои е и Северна Македонија. Минатата година со извоз на 230 различни производи од одбранбената индустрија во 185 земји достигнавме извоз од 5,5 милијарди евра, рече Услусој.
На приемот во резиденцијата на амбасадорот на Република Турција беше прочитана и писмо од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во кое се посочува дека цврсто стојат до сите угнетени без разлика на нивниот идентитет и верување и без очекување за какви било интереси.
-Со големата победа, турскиот народ уште еднаш на целиот свет му обзнани дека нема да го прифати ропството, нема да дозволи некој да ја окова неговата волја и дека никогаш нема да отстапи од желбата да живее независно од во сопствената земја. Големата победа издвоена благодарение на херојството на нашите мартири, крвта на нашите ветерани и жртвувањето на нашиот народ е наш патоказ на денешницата чекорејќи одлучно кон целите на турското столетие чекор по чекор го реализираме нашиот идела за голема и моќна Турција. Ги мобилизираме сите наши можности за да ги спречиме конфликтите, тиранијата и масакрите низ разни региони на светот на чело со Газа. Цврсто стоиме до сите угнетени без разлика на нивниот идентитет и верување и без очекување за било какви интереси. Би сакал со големо задоволство да го истакнам следново – денеска сме помоќни од вчера, утре ќе бидеме уште помоќни од денес, заедно со нашите браќа и пријатели со кои го делиме истиот идеал неминовно ќе изградиме глобален поредок во кој секој од нас ќе се претстави праведно. Турција со својата битка за независност ги инспирираше угнетените народи, ќе биде и предводник на еден свет во кој ќе владее мирот, правдата и благосостојбата, се вели во писмото од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.фф/са/
Фото: МИА