• недела, 22 декември 2024

Тројца мртви и 15 повредени во прободување со нож во маркет во Шангај

Тројца мртви и 15 повредени во прободување со нож во маркет во Шангај

Шангај, 1 октомври 2024 (МИА) - Три лица загинаа, а 15 други се повредени откако маж вчеравечер напаѓаше со нож во супермаркет на Волмарт во Шангај.

Кинеската полиција соопшти дека уапсила 37-годишен маж по презиме Лин на местото на настанот, додавајќи дека тој дошол во Шангај за „да го исфрли својот гнев поради личен економски спор“. Понатамошните истраги продолжуваат.

Инцидентот се случил во трговски центар во Сонџијанг, густо населен кварт во југозападниот дел на градот, во кој се наоѓаат и неколку универзитети.

Полицијата соопшти дека трите лица кои починале им подлегнале на повредите во болница. Останатите „не се здобиле со рани опасни по живот“ и се верува дека не се во животна опасност.

Сведоци рекле дека десетици пожарникари и службеници за специјално оружје и тактики (SWAT) влегле во трговскиот центар и побарале од луѓето да се евакуираат.

Супермаркетот е отворен за работа денеска, но со дополнително обезбедување.

Огненото оружје е забрането во Кина, но земјата забележа серија напади со нож во последните месеци. Минатиот месец, 10-годишен јапонски ученик почина еден ден откако беше избоден со нож во близина на неговото училиште во јужна Кина. Во јуни оваа година, четворица инструктори од американски колеџ беа избодени со нож во јавен парк во североисточниот град Џилин. Во мај, маж со нож уби две лица и рани уште 21 во болница во јужната провинција Јунан. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан