• петок, 20 март 2026

Трипуновски: Период од две години за земјоделците да се прилагодат на новите услови

Трипуновски: Период од две години за земјоделците да се прилагодат на новите услови

Скопје, 26 февруари 2026

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во своето гостување во „Наткаст“ информираше дека целта на новините во програмата е зголемување на земјоделското производство.

„Една од новините што ги предвидува Програмата е зголемување на праговите за тоа кој може да биде корисник на субвенции. Површината за овошни и лозови насади од 0,2 хектари се зголемува на 0,5 хектари, а кај полјоделските култури од 0,5 на 0,7 хектари. Во делот на сточарството, досега се субвенционираа и една или две крави, но сега субвенционирањето ќе започнува од третата крава па нагоре“, истакна министерот.

Тој појасни дека кај овчарството минималниот број грла останува 30, додека кај козарството прагот се зголемува од 10 на 30 грла. Кај пчеларството, минималниот број пчелни семејства се зголемува од 10 на 30.

Министерот Трипуновски нагласи дека сите земјоделци кои што биле досега или ќе бидат под овие прагови, нема да бидат елиминирани од субвенции наредните две години.

„Сите оние кои досега користеле субвенции, а се под новите прагови, ќе имаат преоден период од две години. На пример, доколку некој лозар има 0,2 хектари лозов насад и досега користел субвенции, иако новата Програма предвидува минимум 0,5 хектари, во 2026 и 2027 година ќе продолжи да ги добива истите субвенции. Сепак, од 2028 година ќе може да оствари право само доколку го достигне прагот од 0,5 хектари“, појасни Трипуновски.

Преодниот период од две години, како што истакна министерот, има за цел да им овозможи на земјоделците да се прилагодат на новите услови и да се зголеми земјоделското производство.

Денес можеме да се пофалиме со конкретни бројки, согласно кварталните извештаи за 2025 година се бележи раст во откупот и продажбата на земјоделското производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Наткаст“.

„Согласно извештаите за примарните земјоделски производи и преработките, ќе видите дека сме извозно ориентирани и бележиме зголемување токму во овој сегмент“, посочи министерот.

Тој нагласи дека државата повеќе не е увозно зависна од свежа храна.

„Сакам да ја споменам и кампањата „Македонско најдобро“, која ќе продолжи и во наредниот период, а со која ја подигаме свеста кај домашните потрошувачи за значењето на купување домашни производи“, додаде министерот Трипуновски.

Во делот на тутунопроизводството, министерот потенцираше дека е забележан сериозен раст на производството и рекордно висока откупна цена.

„Оваа година просечната откупна цена изнесува 419 денари за килограм, додека лани изнесуваше 400 денари. За разлика од претходниот период, кога цената се движеше меѓу 160, 214 и 250 денари, денешната цена е речиси двојно повисока. Дополнително, интервентно ги зголемивме субвенциите за прва категорија тутун од 80 на 100 денари со цел да го стабилизираме секторот“, истакна министерот.

Како резултат на овие мерки, годинава се откупени 26 милиони килограми тутун, за разлика од 2024 година, кога биле откупени околу 15 милиони килограми.

МЗШВ

Фото: МЗШВ

 

Остани поврзан