• четврток, 19 декември 2024

Трипуновски во посета на Делчево и регионот

Трипуновски во посета на Делчево и регионот

 

Скопје, 17 февруари 2024

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Делчево и регионот.

При посетата Трипуновски оствари средби со неколку фармери, овоштари и земјоделци од овој регион каде што разговараа за сите актуелни состојби во секторот земјоделство.

Трипуновски се осврна на пожарите кои го зафатија овој регион во 2021 година и изнесе информации за фирмата која што го доби тендерот за чистење на овие простори од опожарени дрва.

Во 2021 година се случија пожарите на овој регион и согласно динамиката и законската обврска ЈП Македонски шуми имаше обврска да го исчисти теренот на овој регион. Она што државата го направи во тоа време, склучи еден крајно сомнителен договор со приватна компанија која што исто така е блиска до власта и имаше обврска да го исчисти регионот, односно терените да ги подготви за повторно пошумување се со цел да не настане голема економска штета. Согласно проценките на експертите од оваа фела, проценката на шумската штета во овие пожари изнесува некаде над 25 милиони евра. - изјави Трипуновски.

Меѓутоа според информациите кои ги изнесе Трипуновски фирмата која што го добила тендерот наместо опожарена дрвна маса тие сечеле и здрава дрвна маса што е спротивно на договорот и со тоа се нанесени големи штети на македонските шуми.

Од сликите позади мене гледаме дека покрај опожарени дрва се сече и дрвна маса која што е здрава и истите се употребуваат за бизнис интереси на оваа компанија. ЈП Македонски шуми во моментов има извршено анекс на договорот и со тоа и дозволува на оваа компанија да продолжи уште една година да го „уредува“, односно да го „чисти“ теренот. - додаде Трипуновски.

Одговорност за ова незаконско однесување во делот на македонските шуми, на нашето најголемо национално богатство, ќе има затоа што ова што се случува е крајно недозволиво. Уште еднаш апелирам до ЈП Македонски шуми, до инспекторатот, до министерството, во рамките на моите можности како технички министер да укажам на ова незаконско работење кое што се случува во овој дел на Република Македонија. - заврши Трипуновски.

 

Дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Цветан Трипуновски

Остани поврзан