• сабота, 23 ноември 2024

Трета година по ред Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

Трета година по ред Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

Скопје, 7 април 2024 (МИА) - Трета година по ред Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – НАЦИОНАЛНО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС, дава придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза (МС) преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи за предизвиците кои го носи оваа хронична болест.

Оваа година, токму на Светскиот ден на здравјето, имавме огромен број поддржувачи, соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои дадоа поддршка во зголемувањето на општата свест за МС, а секако учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се справуваат секој ден, успешно ја совладаа и оваа траса. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека и самото учество е ПОБЕДА.

Годинава три илјади и петстотини учеснички на Женска трка дадоа поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на ПОРТОКАЛОВАТА ПАНДЕЛКА која беше содржана во стартниот пакет.

Симболиката на поврзување со Женска трка беше тукму да се сврти вниманието кон поддршка на ЖЕНИТЕ кои се соочуваат со мултипла склероза (МС), бидејќи МС ТРИ ПАТИ почесто се дијагностицира кај ЖЕНИТЕ наспроти мажите!!!

Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за ова хронично заболување, а посебно за жените со мултипла склероза.

Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени во интерес на лицата со мултипла склероза!

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во  мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во РСМ од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Национално здружение за МС

Остани поврзан