• петок, 08 ноември 2024

Тренчевска: Ако има потреба ќе се прошири опфатот на најранливи категории кои се дел од антикризните мерки

Тренчевска: Ако има потреба ќе се прошири опфатот на најранливи категории кои се дел од антикризните мерки
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) – Почнувајќи од декември оваа година, најранливите категории на граѓани ќе добијат финансиска поддршка, како дел од новиот пакет антикризни мерки. Не е исклучена и можноста да се прошири опфатот на граѓаните кои се детектирани како најранливи категории, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешната конференцијата „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот“, во организација на Меѓународната организација на трудот, Здружението за трудово и социјално право и Импакт фондацијата. - Самохраните родители, приматели на гарантирана помош, лица со попреченост, над 26 години и деца со попреченост, лица кои имаат надоместок согласно Законот преку Агенцијата за вработување, во наредните четири месеци ќе добиваат 3000 денари месечно, како дополнителен приход. Пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е со минимална пензија до 11.525 денари. Оваа категорија ќе има дополнителен приход од 1500 денари во наредните четири месеци. Втората категорија на пензионери со пензија од 11.525 до 14.000 денари ќе има дополнителен приход од 750 денари месечно. Примателите на туѓа нега ќе добиваат по 3000 денари месечен приход, во наредните четири месеци, а лицата со надомест за телесно оштетување по 750 денари, појасни Тренчевска. Додаде дека овие категории се детектирани како најранливи категории кои досега не добивале поддршка во делот на антикризните мерки, но како Влада ја следат состојбата и доколу има потреба ќе биде проширен опфатот. Во однос на Економско-социјалниот совет, министерката информираше дека се дефинираат нови мерки и за стопанството. - Економскиот-социјален совет дефинира нови мерки за стопанството, се со единствена причина да се надмине полесно зимскиот период. Од страна на економските министри ќе бидат најавени нови мерки, вели таа. Во врска со Законот за работни односи, министерката најави дека се финализира, а веќе од следна недела имаат интензивни пет дена работа. - Верувам дека ќе биде финализиран предлог-текстот, а потоа ќе организираме и јавни расправи ширум државата. ки/аа/

Остани поврзан