• недела, 22 декември 2024

Трајчулески: Началник на МВР и раководител во Општина Чаир го превезле Рамадани во Косово, бараме итна истрага од ОЈО

Трајчулески: Началник на МВР и раководител во Општина Чаир го превезле Рамадани во Косово, бараме итна истрага од ОЈО

Скопје, 23 август 2024 (МИА) – СДСМ и денеска побара одговорност од МВР и министерот Панче Тошковски за бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани од куќен притвор, тврдејќи дека за бегството му помогнале вработени од полицијата односно тоа било овозможено со „партиско-полициска организирана шема“.

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески денеска на прес-конференција соопшти дека имаат докази од „свиркачи“ дека Рамадани ја напуштил државава и заминал во Косово - на 10 август со Наим Рамука, началник на северната граница со Косово, а на 14 август, кога и избегал од земјава, бил превезен од вработен во општина Чаир по наредба на Рамука. И во двата случаја границата на Блаце ја поминале по лентата за товарен сообраќај без никаква контрола.

Трајчулески побара од Основсното јавно обвинителство (ОЈО) итна истрага на случајот, да се декласифицираат снимките од камерите на ГП Блаце за да може и целата јавност да увиди дека е вистина тоа што го тврдат, како и неотповиклива оставка од Тошковски и сите лица за кои имаат информации дека се вклучени во организација на бегството на Рамадани.

Како што рече, за транспортот на Рамадани во Косово на 10 август, кога тој требало да биде во куќен притвор, според информациите на СДСМ, бил задолжен Рамука. 

-Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски. Согласно информациите, Наим Рамука со возило „рено“ го зел Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18.40 часот, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола. Наим Рамука, за потсетување, е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница. Потоа, вечерта на 10 август, на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор, рече Трајчулески.

Четири дена подоцна, на 14 август, Рамадани „официјално ја напушта државата“ и преку границата го превезло друго лице – според доказите што ги има СДСМ се работи за вработен во општина Чаир како раководител. Опозициската партија не го открива неговиот идентитет, туку чека ОЈО да го соопшти. Овојпат бегалецот бил превезен со возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски таблички. Како што рече Трајчулески, биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој добил директна наредба Рамука.

-Раководителот од општина Чаир го носи и остава на Косово Блерим Рамадани и за многу кратко време се враќа назад и повторно ја поминува границата без никаков документ. Според информациите, тој немал ниту лична карта ниту пасош со себе, но по наредба бил пропуштен да помине назад, соопшти пратеникот на СДСМ.

Одговорноста ја лоцира кај МВР и побара ОЈО да го истражи овој, како што рече, „скандал од светски размери“ во кој „криминалец баран со меѓународна потерница се шета преку границата кога сака и како сака“, а Наим Рамука „ја има приватизирано границата за свои политички потреби со амин токму на Тошковски“.

-СДСМ бара ОЈО веднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир. Да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите. Доколку ова не го направи ОЈО, ќе сметаме дека го штити МВР и Тошковски од одговорност, но и сите останати инволвирани во овој случај. Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата, рече Трајчулески. 

Исто така, СДСМ бара и итна одлука за декласификација на камерите и снимките од границата за, како што рече, „јавноста да ги види и се увери во нашите информации“, а доколку тоа не се направи, „јасно е дека Тошковски сака да ја сокрие вистината“.

-Ова ја доведува државната безбедност во ризик и значи дека во иднина ќе се случуваат тешки криминални дејствија преку границата со Косово, додаде пратеникот на СДСМ.

На новинарско прашање дали овие докази ќе му ги достават на Јавното обвинителство, одговори дека информациите ги добиле од „свиркачи“ и дека институциите на државата нив „може лесно да ги проверат и да ги потврдат“ и апелираше тоа и да го направат „во законска постапка и согласно нивните надлежности“. 

На прашањето зошто кога Рамадани бил во куќен притвор додека СДСМ биле на власт и тогаш „не е направено ништо“, Трајчулески одгвоори оти не е сигурен дека Рамадани бил сместен во куќен притвор во „нивно време“.

-Треба да се проверат тие информации кога е сместен во куќен притвор. Меѓутоа, овде имате класична организирана шема која ние ја разоткриваме, со која е овозможено бегство на затвореник баран со меѓународна потерница, рече Трајчулески. хс/aa/

Фото: МИА 

Остани поврзан