• сабота, 23 ноември 2024

Трајковски: Зелената агенда прироритет и во наредните четири години

Трајковски: Зелената агенда прироритет и во наредните четири години
Делчево, 4 октомври 2021 (МИА) - Енергетската ефикасност и зелената агенда ќе бидат главните политики кои носат развој на Делчево и во наредните четири години. На прес конференција кандидатот на СДСМ и коалицијата и актуелен градоначалник Горан Трајковски истакна дека локалните институции и во наредниот период активно ќе работат на полето на енергетската ефикасност и искористување на обновливите извори за енергија.
-Целта е да се штеди енергија и да се намалат негативните емисии на СО2 во воздухот. Интензивно и посветено ќе работиме за да се реализираат приоритетите. Во таа насока предвидена е целосна реконструкција на фасадата, кровот и поставување ПВЦ врати и прозорци на објекти на детската градинка. Воведуваме мерка - субвенционирање за поставување соларни колектори за домаќинства и за замена на печки на дрва со печки на пелети или инвертори - повраток на 50 проценти од вложените средства за оваа намена за 400 домаќинства по принципот прв дојден прв услужен, изјави Трајковски.
Кандидатот на коалицијата „Најдоброто за нашата општина“ го најави и капиталниот проект за Делчево кој опфаќа воведување паметно осветлување кој според него ќе значи продолжување со замената на јавното осветлување и инсталирање ЛЕД-светилки.
-Реализацијата на овој проект подразбира инасталација на околу 1000 нови ЛЕД- светилки на сообраќајниците, плоштадите и јавните површини во надлежност на Општината со што ќе се модернизира постоечкиот систем и ќе се унапреди енергетската ефикасност. Дополнителното користење на опцијата за нивна паметна регулација на светлосниот интензитет, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување од околу 70 отсто во однос на постоечкиот систем, додаде Трајковски.
Во таа насока како што дополни предвидена е и изработка на платформа за дигитален град, преку изработка на систем за паметно управување на јавното осветлување, со обезбедена дополнителна заштеда и вредност на проектот од 30 милиони денари.
Развојот продолжува, ги имаме најдобрите проекти за нашата Општина, најдоброто за Делчево, бидејќи Делчево е нашето родно место, додаде на крај од денешниот прес, канидатот Трајковски. вс/ки/

Остани поврзан