Трамп планира да го избере сенаторот Марко Рубио за државен секретар на САД, објави Њујорк Тајмс
- Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп планира да го избере сенаторот Марко Рубио за следен државен секретар на САД, објави „Њујорк тајмс“.
Њујорк, 12 ноември 2024 (МИА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп планира да го избере сенаторот Марко Рубио за следен државен секретар на САД, објави „Њујорк тајмс“.
Политичарот роден во Флорида би можел да стане првиот латиноамериканец кој ќе служи како топ дипломат на САД откако Трамп ќе ја преземе функцијата во јануари.
Со текот на годините, сенаторот се залагаше за надворешна политика на покажување мускули кон геополитичките непријатели на САД, вклучувајќи ги Кина, Иран и Куба. Во изминатите неколку години, тој донекаде ги ублажи своите позиции за да се усогласи со позициите на Трамп.
Новата американска администрација ќе се соочи со поопасен и понепредвидлив свет од првиот мандат на Трамп, со војни кои беснеат во Украина и на Блискиот Исток, а Кина се повеќе се приближува до американските непријатели Русија и Иран, јавија американските медиуми.
Несомнено, војната во Украина ќе биде високо на агендата на Рубио.
Рубио (53) во неодамнешните интервјуа рече дека Украина треба да бара преговарачко решение на конфликтот со Русија наместо да се фокусира на враќање на сите територии изгубени во изминатата деценија. Тој исто така беше меѓу 15-те републикански сенатори кои гласаа против пакетот воена помош од 95 милијарди долари за Киев донесен од Конгресот во април. зш/