• вторник, 05 ноември 2024

Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен и бара над 500 милиони долари

Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен и бара над 500 милиони долари

Вашингтон, 13 април 2023 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен за повеќе од 500 милиони долари, се наведува во поднесокот кој вчера беше доставен во федералниот суд во Флорида.

Тужбата доаѓа откако Коен сведочеше пред големата порота на Менхетен, која подоцна го обвини Трамп за 34 кривични дела за фалсификување деловни книги.
Тоа беше првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело.

Трамп, кој бара републиканска претседателска номинација во 2024 година, се изјасни за невин на 4 април.

Коен е подготвен да биде клучен сведок во секое евентуално судење во случајот околу тајната исплата што ја направил пред изборите во 2016 година на порно ѕвезда која вели дека имала вонбрачна врска со Трамп.

Во тужбата на Трамп се вели дека Коен го нарушил односот адвокат-клиент со откривање на „доверливи работи“ и „ширење невистини“ во книги, подкасти и медиумски настапи.

Во тужбата, исто така, се вели дека Коен лажно го нарекол Трамп „расист“ во својата книга од 2020 година „Disloyal“ и дека измислувал разговори со Трамп.

Коен беше највисок извршен директор во фирмата за недвижнини на Трамп, а потоа работеше како негов личен адвокат кога Трамп ја презеде функцијата во 2017 година.

Иако Коен рече таа година дека ќе „направи сè“ за да го заштити Трамп, неговиот став драматично се промени до 2019 година, кога сведочеше пред комисијата на американскиот конгрес.

Во 2018 година, Коен се изјасни за виновен за кршење на федералниот изборен закон со тоа што и платил 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс.

Тој беше осуден на три години затвор за тоа и други злосторства, вклучително и даночна измама и лажење под заклетва пред Конгресот. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан