• недела, 29 декември 2024

Токаев: Казахстан ќе обезбеди непристрасна истрага за авионската несреќа

Токаев: Казахстан ќе обезбеди непристрасна истрага за авионската несреќа

Астана, 28 декември 2024 (МИА) - Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во телефонски разговор со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев изјави дека Астана ќе направи се за да обезбеди непристрасна истрага за авионот на Азербејџан ерлајнс што се урна во средата во близина на градот Актау.

„Казахстанската страна ќе направи се за да обезбеди сеопфатна и непристрасна истрага за околностите на авионската несреќа“, посочил Токаев и го информирал Алиев за напредокот на работата на специјалната државна комисија за истрага на несреќата, пренесува агенцијата Казинформ.

Алиев се заблагодари на Владата на Казахстан за преземените итни мерки во операциите за пребарување и спасување и давање итна помош на повредените.

Соговорниците се согласија дека владините структури на двете земји ќе останат во близок контакт за време на истрагата за несреќата.

Авионот на летот Ј2-8243 на Азербејџан ерлајнс од Баку за Грозни се урна во средата во близина на градот Актау во Казахстан. Најмалку 38 лица загинаа, додека 29 ја преживеаја авионската несреќа. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан