• понеделник, 25 ноември 2024

Технологијата и социјалните мрежи потреба, но и опасност за психичкото здравје

Технологијата и социјалните мрежи потреба, но и опасност за психичкото здравје
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) – Употребата на технологиите последните неколку години во голема мера еволуирa со што зазедоа централна улога во животот на луѓето. Особено социјалните мрежи станаа вирален простор на кој младите посветуваат голем дел од своето време. Технологијата стана неизбежна потреба на модерното живеење и за децата, а тоа го покажува и најновото истражување на Првата детска амбасада „Меѓаши“, според кое, од вкупниот број деца во училиштата во Град Скопје, дури 68,1 проценти користат некаква социјална мрежа. Воедно, во истражувањето стои и дека „спротивно на правилата и законската регулатива, постојат и деца под 13 години кои имаат профили на социјалните мрежи“.   - Станува збор за две истражувања, на крајот на април започнавме проект кој е поддржан од програмата за социјална, детска и здравствена заштита на децата на Град Скопје. Oва е прва ваква стратегија на локално ниво во нашата земја за унапредување на правата на децата. Беше спроведена анкета за деца на возраст од 10 до 17 години во однос на нивните ставови и перцепции за примена на правата на детето во својата заедница, со фокус на училишниот живот и секојдневие. Анкетата имаше консултативен карактер вклучувајќи вкупно 113 ученици, од кои 44 машки и 69 женски, информира за МИА Јорданка Черепналкова Трајкоска, проектен координатор во Првата детска амбасада „Меѓаши“. Истражувањето опфаќа повеќе сегменти, а податоците јасно покажуваат дека децата се свесни за своите права, дел од нив и веќе користат онлајн платформи за стекнување вештини, меѓутоа се поставува прашањето колку се свесни за штетното влијание од социјалните мрежи и дали знаат како да се заштитат. - Не постои истражување или анкета што сме ја направиле во овие неколку години, а да не ги опфатиме социјалните мрежи затоа што тие се дел од нашиот живот, а не само на децата. Не можат децата да  бидат изолирани кога сите ги користиме, иако би посочила дека има и позитивности и негативности. И во претходното истражување и во ова, Инстаграм доминира и децата имаат некаква поделба кој канал за што го користат, изјави Черепналкова Трајкоска, додавајќи дека покрај загрижувачките податоци за емоционалната состојба кај некои од децата, она што е симптоматично е дека истражувањето покажува оти оваа група граѓани во голема мера користи социјални мрежи и покрај тоа што најмалку се чувствува безбедно. Социјалните мрежи предизвикуваат чувство на небезбедност кај повеќето млади Најновото истражување на „Меѓаши“ покажува дека децата во голема мера ги користат социјалните мрежи, иако не се чувствуваат безбедно. Така, од понудените опции каде се чувствуваат најбезбедно, 91,2 процент истакнале дека најбезбедно се чувствуваат дома, а 31,9 процент дека најмалку безбедно се чувствуваат на интернет. Во разговор за МИА, Черепналкова Трајкоска информира дека кога станува збор за интернетот, децата неретко се сведоци на ситуации кога податоци, фотографии или видеа се споделувани без нивна согласност. На прашањето „Каде ќе се обратиш доколку некој те малтретира на интернет или злоупотреби твои лични податоци/фотографија/видео?, најголем дел, односно 69,95 проценти од испитаниците ја избрале опцијата семејството, само 29,25 отсто одговориле полиција, 22,15 отсто ја заокружиле опцијата пријател, а најмала е довербата кај невладините организации. Во однос на чувството на небезбедност на интернет-просторот и големата употреба кај децата, Ивана Велевска, која е лиценциран психолог, семеен и системски советник, за МИА вели дека тоа се должи на потребата да се биде еднаков со мнозинството. - Често се случува доколку некој не е активен на социјалните мрежи исто како да не е присутен во друштвото. Младите денес не умеат доволно да се дружат. Не знаат на кои теми да разговараат. Поедноставно е да се коментира околу некои слики, да се дебатира околу некој линк кои си го препраќаат меѓу нив, отколку да се седне во лице и да се најде тема за дебатирање. Потребна им е едукација за воспоставување добри меѓусебни односи и негување вистинско пријателство, а не живеење во виртуелен свет, вели Велевска. Според неа, социјалните мрежи се негативни поради достапноста на многу содржини и дозволената комуникација со кој било, поставувањето слики, допишувањето и запознавањето. - Постојат дружби меѓу лица кои никогаш не се виделе, не се познаваат, а се споделува сè со нив, иако никој не знае кој навистина стои зад тој профил и кому му се доверуваме и дали тоа ќе го употреби некогаш против нас. Многу млади формираат цели друштва преку социјалните мрежи и не знаат за друг вид комуникација, не знаат да се дружат, па ако некогаш од одредени причини немаат достапност до интернет, веднаш паѓаат во депресија, добиваат панични напади и слично, објаснува Велевска. Се согласува дека социјалните мрежи полека, но сигурно прераснуваат во најнова закана против психичкото здравје и додава дека најзагрозени се децата кои не умеат да се заштитат себеси. - Најизложени на ризик секако дека се најмалите и децата кои воопшто не знаат да се заштитат, но не се избегнува фактот дека во ризична категорија спаѓаат и други возрасти, особено децата кои се во фаза на пубертет, оние кои имаат проблем од кој било тип, па утеха наоѓаат во социјалните мрежи, каде секогаш може да се најде некој од кој ќе бидат целосно прифатени, не размислувајќи дека во тоа прифаќање постои неискреност и скриени намери, вели Велевска. Честопати интернет-платформите претставуваат плодно поле за булинг, од кое најпогодени се младите, со што прераснуваат во едно од поопасните „оружја“ против психичкото здравје. Претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Барлаквоски, за МИА појаснува дека булингот на интернет-просторот претставува многу поголем проблем ако се земе предвид дека се одвива на неограничен простор којшто опфаќа многу поширока маса луѓе. - Социјалните мрежи и тоа како можат да влијаат на менталното здравје кај младите, особено ако се земе предвид булингот кој се случува на овие социјални мрежи. Разликата помеѓу булингот во офлајн и онлајн просторот е тоа што во овој вториот, просторот е неограничен, идентитетот на сторителот е често непознат, нема временско ограничување – во смисла на тоа дека може да се случува во кој било период од денот, без разлика дали младите се во училиште или не, и може да сведочат илјадници луѓе, односно нештото да стане вирално, што дополнително влијае кон нарушување на менталното здравје кај оние што се малтретирани, вели Барлаковски. Преку дигитална писменост во образовниот процес до поголема заштита на социјалните мрежи Дигиталната писменост е неопходна за креирање вештини за успешна подготовка за одговорно користење на технологијата. Сепак, и покрај обемната употреба на технолошките уреди кај децата, образовниот систем моментално не успева да ги подготви учениците за ново функционирање, за новиот свет. Според претседателот на Младинскиот образовен форум, образовниот процес многу малку или воопшто не ја опфаќа дигиталната писменост. - Дефинитивно е потребна поголема дигитална писменост во образовниот процес поради фактот што многу малку или воопшто не се опфаќа во наставните програми. Секако, една од предностите на малите деца е фактот што растат во дигитален свет и алатки кои се достапни за нив уште во процесот на растење и примарна социјализација. Ваквата предност ќе им овозможи на овие генерации понатаму полесно да навигираат во технолошкиот свет, но тоа има и свои закани. Имено, процесот на дигитализација на образованието оди рака под рака со процесот на медиумска писменост. Оттука сметам дека освен дигиталната писменост, од исклучителна важност е и медиумската писменост, вели Барлаквоски за МИА. Според психологот Велевска, важна улога игра и надзорот од страна на возрасните. - Ако ги сместиме децата во оваа група, иако не се само тие, потребен е поголем надзор од родителите, односно старателите - што гледаат на социјалните мрежи, со кого и што разговараат, како и да се ограничи пристапот до одредени содржини. Пожелно е да има повеќе едукативни емисии за младите отколку серии кои не се многу корисни, да се поттикнуваат на дружба, на спорт, пешачење и читање книги. А во однос на одговорноста, исто така преку различни едукативни програми да се информира јавноста дека секој сам е одговорен за начинот на кој ја известува јавноста за случувањата во својот приватен живот, порачува таа. Факт е дека технолошките средства заедно со социјалните мрежи имаат потенцијал да испорачаат услови за напредок, меѓутоа доколку не се користат исправно тие носат ризици, особено за децата како група која најмалку знае како да се заштити на онлајн просторот. Но она што може да се каже со сигурност е дека дигиталната писменост во образовниот систем и поголемиот надзор од старателите може да овозможат заштита и вештини за искористување на предностите кои ги носат технологите. Симона Србиноска Фото: Дарко Попов и Фросина Насковиќ

Остани поврзан