• петок, 17 мај 2024

Техничкиот министер Тошковски на состанок со оперативниот штаб за спроведување на парламентарните и претседателски избори 2024

Техничкиот министер Тошковски на состанок со оперативниот штаб за спроведување на парламентарните и претседателски избори 2024

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска одржал работен состанок со раководителот и членовите на оперативниот штаб и раководителите на осум помошни штабови формирани за спроведување на парламентарните и претседателските избори 2024, соопштија од МВР.

На состанокот, директорот на Бирото за јавна безбедност и началникот на Одделот за униформирана полиција при БЈБ го информирал Тошковски за сите досегашни активности што се преземени од страна на оперативниот штаб, како и оние мерки и активности што треба да бидат преземени во наредниот период со цел да се овозможи организирано, синхронизирано и координирано делување на полицијата во насока на обезбедување на мирни и демократски избори, како и спречување на секаков обид за загрозување на изборниот процес.

Во таа насока, се вели во соопштението, досега биле одржани и пет состаноци со Државната изборна комисија, а во тек е обуката на полициските службеници за улогата на полицијата во изборен период.

- Од моја страна беше дадена насока да се задржи високото ниво на будност и подготвеност на полицијата во овој контекст, како и да се стави акцент на прибирањето на оперативни информации со цел превенција на можни загрозувања на безбедносната состојба во овој предизборен период. Од страна на директорот на БЈБ и членовите на оперативниот штаб беше потенцирано дека безбедносната состојба е стабилна и дека полицијата е подготвена да се соочи со претстојниот безбедносен предизвик поврзан со организирањето на изборите, потенцирал техничкиот министер Тошковски, се наведува во соопштението од МВР. цр/са/

Фото: МВР

Остани поврзан