• сабота, 23 ноември 2024

„Тетово сака парк“ со реакција на третата суспензија на ДУП за УБ.57а

„Тетово сака парк“ со реакција на третата суспензија на ДУП за УБ.57а

Тетово, 18 октомври 2023 (МИА) - Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ со реакција на третата суспензија на ДУП за УБ.57а, односно за локацијата ШИК „Јелак“.

Според нив, Општината со оваа суспензијата на стариот ДУИ и нацртот на новиот претставуваат триумфалност за ново урбанистичко насилство во Тетово.

-Триумфализмот кој ни го промовира Општината е непотребен. Иако во новопредложениот ДУП има козметички подобрувања, тоа не значи дека тој е навистина добар. Дополнително, суспензијата на претходниот ДУП не спречи градење на опфатот, како што веќе се гледа. Секој кој поминал на крстосницата помеѓу ул. „29 Ноември“ и бул. „Видое Смилевски-Бато“ забележал градежна офанзива. Цврсто стоиме на ставот дека појдовна грешка со овој опфат е сторена со Измената на ГУП за посочениот опфат од февруари 2017 кога без никакво образложение се пренаменети индустриски зони во зони за домување, сметаат од „Тетово сака парк“.

Тие преку неколку, како што велат факти и прашања, го проблематизираат новиот нацрт за ДУП-от.

-Нацртот на новиот ДУП предвидува 94.444 метри квадратни станбена површина. Реалноста е дека на овој опфат ќе има повеќе метри квадратни станбена површина, бидејќи во дадената квадратура не се пресметани еркерни исфрлувања. Најобичната математика вели дека во преку 120 000 метри квадратна површина може да се сместат најмалку 1 500 станови. Во Нацртот стои паушална и неточна ориентациона бројка од 366 домаќинства. Пописот на населението во 2022 година покажа дека во Тетово има 9 747 празни станови. Колку од овие новоизградени најмалку 1 500 ќе останат невселени? Ако навистина се вселат сите, тоа не се нови 1 574 жители како што милуваат да пресметуваат планерите (60 метри површина по жител!) туку на реалната површина (не дадената од 94 444) тоа би биле најмалку 5 000 нови жители. Дали градот може да ја издржи таа концентрација на население таму, се вели во дописот од ТСП.

Тие понатаму прашуваат зошто се предвидува огромен трговски центар на булеварот „Маршал Тито“, знаејќи дека тоа дополнително ќе го оптовари.

-Булерварот и онака е веќе оптоварен поради тоа што е излез кон главниот град, како и поради Градскиот пазар и другите трговски центри („Палма“, „РЕМ“) Општината сега потврдува дека земјиштето е во доминантно државна сопственост, претходно потсетете се дека го негираше тоа. Новиот ДУП ја игнорира државната сопственост, и на државно земјиште предвидува станбени згради, наместо парк. Дали некои од посочените растојанија од фотографиите Општината навистина ги смета за хумани и безбедни при несреќи? Што е со осончувањето, протокот на воздух, приватноста, опасноста од земјотреси и пожари? Сообраќајната инфраструктура не може да опслужи цела нова населба, а и без неа веќе има сериозен проблем, анализираат стручните лица од иницијативата.

Од иницијативата сметаат дека граѓаните можат да доставуваат анкетни листови со забелешки и предлози по објавениот Нацрт-план во писмена форма или електронски до веб-страната на Општината во периодот од 20 октомври до 20 ноември, како и да учествуваат на јавната дебата на 24 октомври.

„Тетово сака парк“ од февруари 2022 почна да предлага на спорната локација, односно на дел од ДУП 57а да се создаде нова парковска површина. ас/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан