• сабота, 23 ноември 2024

Тетово нема море, но има нуркачи кои на други места помагаат во вадење отпад

Тетово нема море, но има нуркачи кои на други места помагаат во вадење отпад
Тетово, 23 јуни 2021 (МИА) - Иако во Тетово нема море веќе неколку години функционира еколошко-нуркачкиот клуб „Пена“, а членовите учествуваат во акции на други места каде има езеро или море за еколошко чистење и вадење на смет и отпад,  вежби и други активности. Десетина членови на „Пена“ ги имаат потребните документи односно се лиценцирани со соодветен државен сертификат за нуркање. Клубот постои од 2017 година. - За разлика од  2020 година, поради пандемијата немавме активности, но овие неколку месеци од 2021 веќе сме учествувале во неколку акции како на реката Пена кај месноста Бањиче, Мавровско Езеро, езерото Младост кај Велес, Охридско и Дојранско езеро како и на Јадранско море во градот Молунат во Хрватска, го започнува разговорот Горан Видачек, член на клубот и претседател на МХД. Од 11 до 16 јуни поминатото време во нуркање и вадење отпад во хрватски Молунат било драгоцено искуство за седумте членови нуркачи кои учествувале во тамошната акција. - Бевме заедно со колеги од Охрид вкупно 15 луѓе, а таму беа 125 нуркачи од десетина земји, а се собра околу три тона отпад.  Самата акција се одвиваше на 11 метри длабочина во морето за собирање на отпад. После тоа имавме нуркање на 30 метри длабочина околу тамошните острови. Последниот ден нуркавме на 44 метри каде има потонат брод Кајзер Франц Јосиф во 1918 година, рече членот на клубот, Илија Илиевски. Тетово е далеку од море и езеро и секоја активност многу ги чини во клубот, но велат голема е желбата за ова нивно рекреативно занимање и хоби. Често се оди на Охридско Езеро, кај Радожда и Калишта, Трпејца како локации за обука, нуркање и вежбање. Опремата е скапа, па со проекти се снаоѓаат за нејзина набавка. - Функционираме како клуб со помош на средства и поддршка од проекти. 600 денари е само едно полнење на една боца со компримиран кислород, па за 10 луѓе значи 6000 денари или 100 евра само за еден ден активности и нуркање. Ние не сме професионален клуб, дури и од сопствен џеб даваме пари за да го реализираме активностите. Опремата е скапа и мора да се менува на секои пет години. Сервисирање на опрема, боци, регулатор и слично мора да се први во Србија  во Нови Сад, бидејќи тука нема каде, истакна Горан Видачек. За да се биде лиценциран нуркач потребни полагање на дваесетина специјалности и достигнување одредени нормативи. - Мора да се знае како да се постапува во длабочините на водата. Сите проблеми се решаваат во вода, не надвор од вода. Прво правило е дека не смееш одма да излезеш од вода, самиот азот што се дише станува отровен и опасност за смртни последици. Притисокот прави проблеми и мора полека нагоре.  Четири пати повеќе се вдишува во водата, објаснува Недиљко Ромац. Се користат сензорски компјутери за на рака кои им укажуваат кога треба да се застане пред искачувањето нагоре. Поспецифично е враќањето на површина отколку спуштањето поради можните проблеми кои се јавуваат со оглед на промена на крвниот притисок кај човекот. - Во случај да има такви проблеми нуркачот потоа треба да биде третиран во барична комора за стабилизирање на притисок ако има проблем во вода. Затоа е битно да се има и соодветна опрема нуркачко одело, маска, пераи, џекет за одржување на пловноста, негативна и неутрална пловност и регулатор за дишење, кој се приклучува на боца со компримиран воздух составен од 21 отсто кислород, остатокот е азот и еден отсто секојдневни гасови како аргон, хелиум и јаглен диоксид. Боцата е со тежина од 10, 12 или 15 литри. Се полнат со 220 бара компримиран воздух кој издржува нуркање за временски период од еден час зависно од длабочината. Секој нуркач има два регулатори еден за себе за дишење и еден за партнерот (бади) во случај на потреба и снемување на кислород. Ракавици, маска за заштита на очи и нос, додека во уста се става регулатор за дишење, велат Недиљко Ромац и Илија Илиевски. Пластика, рибарски мрежи, предмети од домаќинства, сето тоа се вади од езерските и морските длабочини. Во Јадранско Море се сретнале и со невообичаената риба кирња, долга еден метар, која се вдомаќинила во потонатиот брод, како и змијолика риба морна која е долга до два метри, но се витка и стои во дупка и останува незабележителна.  Од невообичаените случки, посочија и неколку пати играње на табла во длабочините на езерските и морски води. Александар Самарџиев

Остани поврзан