Темелни инспекциски контроли на угостителските објекти, сите основни училишта и градинки на територијата на Општина Ѓорче Петров
- Општина Ѓорче Петров, во рамки на ингеренциите на локално ниво, почна со темелни инспекциски контроли на угостителските објекти, вклучувајќи ги и сите основни училишта и градинки на територијата на општината.

Скопје, 21 март 2025 (МИА) - Општина Ѓорче Петров, во рамки на ингеренциите на локално ниво, почна со темелни инспекциски контроли на угостителските објекти, вклучувајќи ги и сите основни училишта и градинки на територијата на општината.
Опоштина Ѓорче Петров денеска соопшти дека инспекторите од Одделението за инспекциски работи веќе се на терен да ја утврдат фактичката состојба на локалите. Сопствениците на објектите, се додава во соопштението, се должни да ги поседуваат и прикажат документите кои се потребни за локалот да работи според законските прописи.
При проверките, потребно е локалите да поседуваат елаборати за противпожарна заштита и за животна средина, решенија за урбана опрема, за вршење угостителска дејност надвор од објект и за вршење дејност, како и тековна состојба.
Од Општина Ѓорче Петров апелираат документите да бидат навремено подготвени и соодветно прикажани за време на инспекцискиот надзор.
Во однос на училиштата, информираат дека сите училишта на територија на Општина Ѓорче Петров поседуваат елаборати, односно План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, Правилник за заштита од пожари и експлозии и Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, а ПП апаратите се навремено сервисирани. цр/са/
Фото: МИА архива