• понеделник, 23 декември 2024

Телефонски разговори на Муцунски со негови колеги од неколку држави за справување со пожарите

Телефонски разговори на Муцунски со негови колеги од неколку држави за справување со пожарите

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил телефонски разговори со министерот за европски и надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, министерката за надворешни работи на Романија, Луминита Одобеску, министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлич Радман.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот на разговорите биле активните шумски пожари во земјава, при што била понудена поддршка на земјава за нивно надминување. Дел од поддршката се реализира во рамки на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што пак претставува израз на европската солидарност.

Комуникацијата на Муцунски со неговите колеги се спроведува во рамки на акцијата за обезбедување помош за гасење на пожарите, што се спроведува во координација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

- Високо ја цениме подготвеноста на нашите пријатели од Австрија, Грција, Романија, Словенија и Хрватска за поддршка во справувањето со активните шумски пожари. Ваквиот чекор е израз на солидарност, која е неопходна за надминување на овој тип предизвици. Во оваа прилика упатувам голема благодарност за укажаната помош, што претставува дополнителен израз на нашето долгогодишно пријателство, истакнал Муцунски.

Нагласил дека секој вид на поддршка во напорите за гаснење на пожарите е повеќе од добредојдена. Земјава ги има ставено во функција сите капацитети за нормализирање на состојбите, што заедно со помошта што доаѓа од земјите од регионот и Европа ќе доведе до видливи резултати на ова поле, велат од ресорното Министерство.

Во текот на денешниот ден Муцунски остварил телефонски разговор и со својот грчки колега, Јоргос Герапетритис.

-Во рамки на разговорот беше изразена потребата и подготвеноста за заемна соработка при справување со вакви предизвици, се посочува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Република Северна Македонија е погодена од пожари во различни подрачја како резултат на екстремно високите температури. Во процесот на обезбедување и координација на помошта од пријателски земји, кој е предводен од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вклучени се и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. ев/бак/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан