• петок, 22 ноември 2024

Таткото на Тејлор Свифт обвинет за напад врз фотограф во Сиднеј

Таткото на Тејлор Свифт обвинет за напад врз фотограф во Сиднеј

Сиднеј, 27 февруари 2024 (МИА) - Таткото на Тејлор Свифт е под истрага во Австралија за наводен напад на папараци на пристаниште во Сиднеј. Настанот се случил по нејзиниот последен концерт во градот. Додека со ќерка сѝ се симнувале од луксузната јахта, Скот Свифт (71), според обвинението, го удрил фотографот.

Според „Сиднеј морнинг хералд“ (Sydney Morning Herald), ниту еден од двајцата мажи не е повреден. Бен Мекдоналд (51), извршен директор на „Матрикс медија груп“ (Matrix Media Group), потврди дека тој е тужителот, т.е. оштетениот фотограф на пристаништето.

- Ја вршев својата работа, одејќи по Тејлор. Таа штотуку се симна од јахтата во заливот Нутрал Беј и одеше по пристаништето со неколку чувари околу неа. Обезбедувањето сакаше да нè оттурне со своите чадори, а потоа татко ѝ реши да се вклучи. И ме удри... Бев шокиран. Не требаше така бидејќи обезбедувањето имаше сè под контрола... Сега случајот ќе ѝ биде препуштен на полицијата, појасни Мекдоналд.

Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека истрагата е во тек.

- Две лица беа агресивни кон Тејлор туркајќи го нејзиното обезбедување и заканувајќи се дека ќе фрлат еден од обезбедувачите в море, изјави претставник на американската поп-ѕвезда.

Концертот во Сиднеј е последниот дел од турнејата на Свифт. си/рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан