ТАВ Аеродроми до крајот на годината ќе претстави мастер-план за развој на скопскиот и охридскиот аеродром
- ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми. Мастер-планот, кој како што информирааат, интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада.
Анталија, 20 септември 2024 (МИА) - ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми. Мастер-планот, кој како што информирааат, интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската Влада.
Главен извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, на денешната прес-конференција во Анталија порача дека, на македонскиот пазар работат од 2010 година и досега, за неполни 15 години, со поддршка од Владата и од сите надлежни владини институции, успеавме да го развиеме авиосообраќајот во земјата, со цел да овозможиме патувањето со авион да биде достапно на што поголем број луѓе.
-На пазарот донесовме нови и клучни авиокомпании, отворивме преку 40 нови дестинации, а бројот на патници го зголемивме за речиси пет пати – од околу 640.000 патници на двата аеродрома во 2009 - на 3,1 милион патници во 2023 година. Ковид-кризата силно нè погоди, но од втората половина на 2022 година бројот на опслужени патници и летови почна да се зголемува. И покрај сите препреки, ние не престанавме да работиме со ентузијазам и упорност со цел континуиран раст и развој на македонските аеродроми, а оттука и на македонската економија, како и на зајакнување на врските меѓу Турција и нашата пријателска Македонија, изјави Каптан.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави, дека целта на мастер-планот е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија.
- Анализите ќе покажат што сè е потребно да се направи на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а потоа истиот ќе ѝ го презентираме на Владата. Нашата цел е да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром регионални авијациски центри, конкуретни на останатите аеродроми во регионот, порача Курт.
Oсвен во капитални инвестиции и развој на мрежата на нови авиокомпании и авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром, ТАВ Аеродроми, како што најавуваат, ќе продолжи да го вложува своето групациско знаење и ресурси и во обезбедување на високвалитетни и конкурентни услуги на двата македонски аеродрома.
Според Курт, доказ за досегашните заложби за обезбедување висок квалитет на аеродромските услуги се Airport Service Quality (ASQ) наградите добиени од ACI, кои од 2012 година досега Меѓународниот Аеродром Скопје ги доби девет пати, во категоријата - најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа.
-Последната ASQ-награда е за 2023 година. Ќе продолжиме да учествуваме во овие реномирани светски програми од нашата индустрија за истражување на мислењето на клиентите, бидејќи како услужна дејност задоволството на клиентите е една од нашите главни цели, изјави Курт.
ТАВ Аеродроми од 2010 година досега во двата македонски аеродроми има инвестирано над 300 милиони евра и на скопскиот и охридскиот аеродром вработува над 1.000 луѓе – во ТАВ Македонија, како аеродромски оператор, како и во сестринските фирми БТА, АТУ, ТАВ Технолоџис и ТАВ МОС.
Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година. вј/аа/
Фото: ТАВ Аеродроми