• понеделник, 23 декември 2024

Судски совет расправа по иницијативата за претседателката на Врховен суд, Беса Адеми

Судски совет расправа по иницијативата за претседателката на Врховен суд, Беса Адеми

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) – Во Судскиот совет во тек е седницата на која се расправа по иницијативата за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Претходно, Советот го отфрли предлогот на членот Тања Чачарова Илиевска извештајот да се врати на доработка.

Пред почетокот на расправата по оваа точка, подносителот на иницијативата, членот Миљазим Мустафа, ја напушти седницата бидејќи како подносител нема право на присуство. Потоа, претседателот на Комисијата која ја разгледуваше иницијативата, Мирсад Сурои, ја презентираше констатираната состојба на Комисијата и го прочита извештајот со што Советот продолжи со расправа.

На почетокот на денешната седница, Советот избра судии поротници на Основниот суд Виница и тоа Стефан Мицов, Васка Николова, Александра Давиткова, Јована Јангеловска, Давид Трајанов, Билјана Јовева, Слаѓана Костадиновска, Игор Димитров и Елена Георгиева.

Советот, исто така, утврди престанок на функцијата судија поротник на Апелациониот суд Скопје, по сопствено барање за судијката Билјана Ангелова Смилева.

На судијата Влатко Сековски од Основниот кривичен суд Скопје, на денешната седница, му беше уважено барањето за надомест на патни трошоци бидејќи е времено упатен во Основниот суд Прилеп, а беше уважено и барањето за доброволно упатување на судијката Виолета Крстиновска, од Основниот суд Ресен, за период од една година во Основниот суд Прилеп.

По расправата за утврдување на одговорност на претседателката Адеми, седницата треба да продолжи со формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд  и разно. ар/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан