• сабота, 23 ноември 2024

Судот им определи мерки за претпазливост на останатите две лица, опфатени со истрагата за набавка на софтвер

Судот им определи мерки за претпазливост на останатите две лица, опфатени со истрагата за набавка на софтвер
Скопје, 19 април 2021 (МИА) – Основниот кривичен суд во Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на останатите две лица опфатени со истрагата за набавка на софтвер, им определи мерки на претпазливост. Од судот информираат дека денеска двете лица биле повикани пред судија на претходна постапка при Кривичниот суд, да се прoизнесат во однос на предлогот. - По нивно сослушување како и ценење на предлогот, судијата на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените им определи мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т. 1, 2, 3 и 7 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за јавување пред службено лице во судот или друг надлежен орган, Повремено одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница и Забрана за преземање работни активности поврзани со кривичното дело, се вели во соопштението до Основниот кривичен суд Скопје. Против овие решенија, од Основниот кривчен суд укажуваат, дека странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет. Минатата недела судија на претходна постапа во Основниот кривичен суд -Скопје по четиричасовниот распит му одреди куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, додека на Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“ од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни, судот му определи мерка куќен притвор. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, минатата недела за случајот донесе наредба за спроведува истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик. Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321,00 денари (179 159 евра). Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, според Обвинителството, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо преку Електронскиот систем за јавни набавки, првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот, донел одлука за избор и склучување на договор и исплата на фактурите, иако софтверот не бил имплементиран. аа/дма/

Тагови

Остани поврзан