• понеделник, 23 декември 2024

Судењето за „Беса Транс“ одложено за 31 март

Судењето за „Беса Транс“ одложено за 31 март

Скопје, 1 март 2023 (МИА) – Поради отсуство на застапникот на правното лице „Беса Транс“ како и претставник на Царинска Управа во Основниот кривичен суд Скопје, денеска повторно се одложи  судењето за „Беса Транс“ во кое сопственикот на истоименото правно лице се товари за „фалсификување на исправа“.

Како што информираше Асмир Алиспахиќ, бранителот на обвинетиот Беким Хаџиу, претставникот на правното лице „Беса Транс“, Шабан Хоџа, не се појави на денешното рочиште поради патување заради смртен случај од блиско семејство надвор од Република Северна Македонија.

- Никој не можеше ова да го претпостави и затоа сега ве известуваме за причината за неговото недоаѓање и се надевам дека ќе имате разбирање, рече тој.

На денешното насрочено рочиште, по трет пат, не беше присутен ниту претставник од Царинската Управа на Република Северна Македонија, кој, како што информираше Судот, бил уредно повикан и за кој нема ингеренции за присилно доведување, со што главната расправа се одложи за 31 март.

По одложувањето на насроченото рочиште, МИА се обрати до Царинската управа во врска со причината поради која нивен претставник по трет пат не доаѓа на ова судење, од каде добивме насоки да испратиме прашања преку електронска пошта на кои до објавувањето на веста не добивме одговор.

Според обвинителниот акт, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

- Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, се наведува во обвинителниот предлог.

Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. ар/аа/

Остани поврзан