• недела, 22 декември 2024

Студентска дебата - „Отвори го умот за нови перспективи - студентски дебатен турнир“

Студентска дебата - „Отвори го умот за нови перспективи - студентски дебатен турнир“

Скопје, 1 април 2024 

Ве известуваме дека изминатиот викенд (30.03.-31.03.2024г.), на Правниот факултет „Јустинијан први“, се одржа турнир за студентска дебата - „Отвори го умот за нови перспективи - студентски дебатен турнир“, организиран од Младински образовен форум.

На турнирот учестуваа 16 тима, составени од студенти кои поминаа четиринеделна обука за Британска парламентарна дебата која се спроведе во рамки на новоотворените дебатни клубови на Правен факултет „Јустинијан Први“, Филозофски факултет - Скопје како и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). На турнирот учество земаа 50 луѓе - дебатери, судии и волонтери.

Членовите на дебатните клубови на МОФ, овој викенд имаа шанса подобро да се запознаат со важноста на компетитивната дебата, а преку тоа со критичкото размислување и аргументираното говорење. Ваквиот начин на истражување информации придонесуваат во образовниот процес и им помога на младите да се стекнат со дополнителни знаења поврзани со тезите на кои дебатираат.

Турнирот беше составен од четири рунди - четири прелиминарни тези, полуфинале и финале. Тезите на кои дебатираа студентите беа:

1. „Овој Дом преферира свет во кој универзитетските такси се плаќаат откако студентите ќе се вработат како дел од нивните приходи, наместо како такса што се плаќа пред да добијат образование“;

2. „Овој Дом би го направил гласањето задолжително во земјите во развој“;

3. „Овој Дом како семејство од работничка класа, би ги алоцирал сите средства кон поуспешното дете“;

4. „Овој Дом како надпросечен студент во Македонија, би се преселил во Европска Унија за да го продолжи своето образование“;

5. Полуфинале: „Овој Дом ја жали автоматизацијата на професии претходно работени од луѓе (пример: касиери, таксисти).

Финалната теза која ја бранеа финалистите гласеше: „Овој Дом би вовел гласачки систем во кој на помладите граѓани повеќе им се вреднува гласот“.

По два дена интензивно дебатирање, победата ја освои тимот „Бекатонки“, составен од Зоран Ристовски и Димитар Анакиев. На турнирот се одбраа и тројца најдобри говорници од кои третото место му припадна на Филип Филиповски, второто на Димитар Анакиев, а за најдобар говорник на студентскиот дебатен турнир избран беше Филип Петровски.

Турнирот беше огромен успех, истакнувајќи ја важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество.

Дебатниот турнир се спроведе како дел од проектот „Практикувај демократија“, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер , а финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Младински образовен форум 

_______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МОФ

Остани поврзан