• сабота, 23 ноември 2024

Струмица одбележа 79 години од ослободувањето

Струмица одбележа 79 години од ослободувањето

Струмица, 11 септември 2023 (МИА) - Денеска на Спомен костурницата над градот со пригодна свеченост беше одбележана 79 годишнината од ослободувањето на Струмица. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-„Слобода“, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. Слобода е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство. Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и девет години. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така им ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв, рече Костадинов.

Рецитаторите од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за денот на ослободувањето на градот, а претставници на Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата.

Чествувањeто по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжува вечер со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“. рт/дма/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан