• вторник, 05 ноември 2024

Стружанката Симона Чавковска ќе учествува на Олимпијада за филозофија во Хелсинки

Стружанката Симона Чавковска ќе учествува на Олимпијада за филозофија во Хелсинки

Струга, 13 мај 2024 (МИА) - Стружанката Симона Чавкоска ученичка во гимназијара „Д-р Ибрахим Темо“ и Елена Јорданова од СОУ „Свети Кирил и Методиј“ од Неготино ќе ја претставуваат Македонија на Светскиот натпревар - Филозофска олимпијада, што од 16 до 19 мај ќе се одржи во Хелсинки, Финска. 

Чавковска и Јорданова сe победнички на македонскиот натпревар за Филозофска олимпијада (International Philosophy Olimpiad, IPO) што се одржа во Скопје.

За матурантката Чавковска, филозофијата како наука, е синоним за слобода на изразување и проникнување на индивидуалноста во светот на мисли и идеи. На натпреварот во Скопје, избрала да се натпреварува на тема од областа на естетиката. 

- Мојот главен фокус беше на незаменливиот факт дека нема нешто што постои тука, околу нас, што егзистира напоредно со нас, што може да биде опишано со поимот грдо. Се е проткаено со убавина, се е убавина и извор на убавина дури и кога само еден би го сметал нештото за такво (за убаво). Изборот на темата дојде интуитивно, едноставно некое внатрешно чувство ме водеше кон таа тема, знаејќи дека ќе ми донесе пласман на олимпијада, вели Чавковска.

За неа, како што нагласи, огромна чест ќе биде да освои медал, но, подвлече, подеднакво и е важно да го запознае Хелсинки и да се врати во Струга побогата за едно искуство и со стекнати нови пријателства. 

На натпрварот учествуваше под менторство на нејзината професорка по филозофија Дијана Милеска – Чуркоска, која пласманот на Чавковска на Олимпијадата во Хелсинки го оцени како еден од најголемите нејзини успеси досега. Забележа и дека е извонреден сестран талент со натпреварувачки дух и знаење уште од мали нозе. 

- Нејзините вештини се неизмерни и силно верувам дека ако не во топ три, ќе се најде во првите 10 места на најдобрите натпреварувачи што исто ќе биде голем успех, додава Милеска - Чуркоска.

Чавковска досега има постигнати одлични резултати и на натпревари по хемија и математика, а по завршувањето на средното образование планира да се запише на Институтот по хемија (применета хемија - животна средина) на Природно математичкиот факултет во Скопје. сс/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан