• петок, 22 ноември 2024

Стејт департмент: САД се во редовен контакт со владини функционери за прашања од меѓусебна загриженост

Стејт департмент: САД се во редовен контакт со владини функционери за прашања од меѓусебна загриженост

Вашингтон, 20 август 2024 (МИА) - САД се во редовен контакт со владини официјални лица за прашања од меѓусебна загриженост, изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањата дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Северна Македонија, како што предупреди премиерот Христијан Мицкоски, како и дали на оваа тема разговарале со македонската влада.

- Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар на прашања од меѓусебна загриженост, одговорија од прес-службата на Стејт департментот.

Мицкоски, при посетата на Царинската управа на 15 август, рече дека високи функционери во поранешни влади се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен и да „провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија“.

-Индиции имаме за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се и високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, и она што мене посебно ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе, и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам, и до јавноста, и до медиумите и до граѓаните, да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат, порано или подоцна сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат, изјави Мицкоски.

Гласот на Америка потестува дека Мицкоски, за време на прес-конференцијата со косовскиот премиер Албин Курти на 5 август во Скопје, рече дека има информации од повеќе канали оти раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе преземе чекори во насока на дестабилизација на државата, во обид да го заштити капиталот што партијата го создавала изминативе 20 години.

ДУИ ги негираше изјавите на Мицкоски, додека на почетокот на јуни најави дека ќе стори се` во рамките на демократските мерки за да го спречи „понижувањето на Албанците“.

- ДУИ е државотворна партија, а непостоечките тврдења на премиерот Мицковски за сценарија за дестабилизација се невистинити и претставуваат намерни и опасни владини сценарија за обвинување други за да се дефокусира јавноста од недостатокот од резултати и секојдневни владини скандали, соопшти ДУИ.

Во врска со изјавите на Мицкоски за потенцијална нестабилност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека нема да го свика Советот за безбедност, бидејќи сметала дека за тоа нема потреба.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, пак, побара од Мицкоски доколку има информации за можна дестабилизација да ги достави до надлежните институции.

- Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи“, напиша Филипче на „Фејсбук“ на 5 август.

Коалицијата „ВРЕДИ“ кажа дена ги нема информациите со кои располага премиерот Мицкоски. са/нд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан