• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Стерјовски за МИА: Гаранциите за правата и застапеноста на Македонците, како и вложувањата во областите каде што живеат, пресудни за коалицирање со ДП

Стерјовски за МИА: Гаранциите за правата и застапеноста на Македонците, како и вложувањата во областите каде што живеат, пресудни за коалицирање со ДП

Дебар, 4 март 2025 (МИА) - Дадените гаранции за поддршка и заштита на правата на Македонците, во согласност со меѓународните обврски и стандарди за малцинствата, тука и изучувањето на мајчиниот македонски јазик, вложувањата за подобрување на условите за живот во областите каде што живеат, како и поддршка на МАЕИ на локалните избори во општина Пустец, беа пресудни да одлучиме да бидеме дел од изборната коалиција предводена од Демократската партија, изјави за МИА Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-Демократската партија на Албанија, односно нејзината влада, која ќе ја формира по победата на изборите, вети да инвестира во патната и друга инфраструктура, образованието, и други сектори во областите Преспа, Голобордо и Гора, за да го подобри животот на жителите од овие области. Исто така се обврзува да спроведува настава на македонски јазик за учениците од македонската заедница, секаде каде што се исполнети условите, во согласност со законската регулатива што го регулира образовниот систем во Албанија, посочи тој.

Оваа соработка, вели, не завршува со парламентарните избори, туку ќе продолжи и на локалните избори во 2027 година.

-Договорено е ДП да го поддржи кандидатот за градоначалник на МАЕИ за општина Пустец и да именува администратори од нашата партија во административните единици Требиште и Острени во општина Булќиза, област Голо Брдо како и во административните единици Шиштавец и Запод во општина Кукс, нагласи тој.

Според Стерјовски, се што е договорено е внесено во договорот за соработка, помеѓу ДП и МАЕИ, за претстојните парламентарни избори, што ќе се одржат на 11 мај и се 11-ти по ред по падот на комунистичкиот режим.

Во однос на застапеноста на кандидати на МАЕИ на кандидатските листи, вели дека засега нема конкретен договор, но најверојатно кандидатите на македонската партија ќе бидат на отворените листи во неколку од 12-те Изборни единици.

Изборната коалиција, предводена од ДП ја сочинуваат 26 политички партии а мотото е „Алијанса за величествена Албанија“.

На последните парламентарни избори МАЕИ беше во коалиција со актуелната владејачка Социјалистика партија на Еди Рама. вт/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан