• среда, 17 јули 2024

Старова Ќерими за МИА: Се зголемува посетеноста на Националната галерија од сите возрасти, визијата ни е да бидеме во срцето на сите

Старова Ќерими за МИА: Се зголемува посетеноста на Националната галерија од сите возрасти, визијата ни е да бидеме во срцето на сите
Скопје, 15 април 2022 (МИА) - Уметноста за мене претставува средство со кое облагородуваме и создаваме позитивност кај народот. На пример, преку уметничка слика можеме да разговараме и да се зближиме со луѓето, а преку музиката можеме да создаваме чувство на припадност. Токму преку уметноста можеме да ги надминеме сите негативни состојби во општеството, вели во интервју за МИА директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова Ќерими, по повод Светскиот ден на уметноста - 15 април. Според директорката, културата е таа што не зближува, а само доколку се „нахраниме“ со културата, тогаш ќе бидеме позитивни примери во општеството. Светскиот ден на уметноста се одбележува токму на овој ден, во чест на роденденот на големиот уметник Леонардо да Винчи, и тоа почнувајќи од 2012 година. Оттогаш, секоја година на овој ден во секоја земја се организираат фестивали, изложби, трибини и забави и се нагласува улогата на уметноста во постигнувањето на мир и слобода. За Националната галерија на Северна Македонија овој ден е многу значаен, и традиционално се одбележува со разни активности. Оваа година, како што посочи директорката Старова Ќерими, освен тековните изложби како што се „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ и „Париски рефлексии“ во изложбениот простор во Чифте Амам, ќе присуствуваат и водичите кои ќе зборуваат за значењето на изложбите, бидејќи целта е преку едукаторите од галеријата и активностите кои се реализираат, да се зголеми свеста за уметноста. - Важно е и да се зголеми свеста кај најмладите деца дека преку уметноста можеме да бидеме граѓани на ова општество, да имаме убави мисли за ова општество ако се грижиме за уметноста, размислуваме преку уметноста и ако создаваме уметност. Затоа, ние сме тука во Национална галерија со нашите едукатори, на кои сум им многу благодарна, бидејќи преку активностите кои ги реализираме, свеста за уметноста се зголемува. Исто така, се зголемува и посетеноста во галеријата од сите возрасти, за моја голема радост, прво како уметник, но и како директор во оваа значајна установа, рече директорката. Во однос на проектите кои се планираат за текот на оваа година, Старова Ќерими ги најави капиталните инвестиции во Мала Станица, во куќата на Лазар Личеноски, и како што рече, освен планираните проекти, се надева и дека инфраструктурата на Националната галерија ќе заличи на светските музеи. Денеска е Светскиот ден на уметноста. Денот кога секоја галерија, музеј, уметнички центар и уметниците се слободни да организираат свои активности и да се приклучат на прославата. Како Националната галерија годинава ќе го одбележи овој ден? Овој ден е многу значаен за сите нас и претставува одбележување на роденденот на еден од најзначајните ументици во историјата. Не постои уметник кој не е запознаен со неговото творештво, а тоа е големиот Леонардо Да Винчи, кој е роден токму на овој датум и во негова чест на овој ден се одбележува уметноста. Овој ден се одбележува од 2012 година, кога се одлучува дека треба да се зголеми свеста за убавините кои ги носи уметноста, за тоа колку е значајна уметноста во општеството и што се треба да направиме за уметноста да опстои. Како Национална галерија, освен што ги имаме тековните изложби, „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ и „Париски рефлексии“, исто така ќе има и тековни водења за изложбата. Тоа значи дека ќе бидат присутни и водичите кои ќе зборуваат за тековните изложби. Исто така, важно е и да се зголеми свеста кај најмладите деца дека преку уметноста можеме да бидеме граѓани на ова општество, да имаме убави мисли за ова општество ако се грижиме за уметноста, размислуваме преку уметноста и ако создаваме уметност. Затоа, ние сме тука во Национална галерија со нашите едукатори, на кои сум им многу благодарна, бидејќи преку активностите кои ги реализираме, свеста за уметноста се зголемува. Исто така се зголемува и посетеноста во галеријата од сите возрасти, за моја голема радост, прво како уметник, но и како директор во оваа значајна установа. Може ли да ми кажете што за вас претставува уметноста, како таа влијае во современото општество? Уметноста за мене претставува едно средство или чувство со кое облагородуваме. Значи создаваме позитивност кај народот. Преку уметничка слика можеме да разговараме, да се зближиме со луѓето, преку музиката можеме да создадеме чувство на припадност, а од друга страна театарот пак буди други емоции. Уметноста е поширока димензија за тие кои се занимаваат со неа и кои ја сервираат во општеството или ја придонесуваат во време кога имаме заминување на една пандемија, но и појава на нови светски неприлики. Мислам дека токму преку уметноста ќе можеме да ги надминеме негативните состојби во општеството и да создадеме чувство дека можеме да продолжиме да живееме. Професор сте на Факултетот за архитектура и дизајн при Американскиот колеџ во Скопје. Која е вашата порака до младите кои имаат потенцијал и желба да се занимаваат со уметноста? Од 2007 година, уште пред да бидам директорка, јас сум дел од Универзитетот „Американ колеџ“, каде што ги едуцирам студентите кои се насочени кон архитектурата и им ги пренесувам основните познавања за уметноста. Мојата порака за младите е покрај тоа што се постојано на социјалните медиуми, да одвојат малку време и за посета на некоја изложба, концерт, театар или пак да прочитаат некоја книга, бидејќи само доколку се нахраниме со културата, тогаш ќе бидеме позитивни примери во ова општество и со позитивни емоции ќе станеме двигатели на ова општество. Колку младите покажуваат интерес за уметноста, според вас задоволителна ли е бројката на нивната посетеност на Националната галерија, но и генерално во други уметнички институции? Младите сега се насочени кон некои нови современи технологии. Ако во минатото за младите попривлечна била фигуративната уметност, сега за новите генерации поинтересни се современите текови и современите правци во уметноста, кои од друга страна не се толку примамливи за постарите генерации, но сепак се многу успешни. Имаме одлично средно уметничко училиште и имаме исто така Факултет за ликовна уметност кои создаваат уметници со голем интерес за уметноста, кои парираат на многу современи уметници во светот. Можам да кажам дека младите се повеќе се интересираат за изложбите, сакаат да дадат свој придонес во тековните активности кои ги реализираме во галеријата во текот на целата година. Колку државата издвојува простор за младите, но и генерално за сите уметници? Потребна ли е поголема финансиска поддршка? Никогаш не е доволно. Ние сме секогаш малку повеќе наклонети кон тоа да се сожалуваме и да велиме дека немаме средства, но јас сум еден од големите оптимисти. Сметам дека само преку оптимизам и преку давање се од себе можеме да создадеме примери и да ги инспирираме луѓето околу нас. Секако убаво би било да имаме помош која нема да е само задоволителна, туку и ќе ги надмине нашите замисли, бидејќи на крајот секогаш културата е таа што не зближува. Културата е таа што дава една убава слика за тоа што се случува околу нас. Сметам дека не би го користела времето да зборувам за тоа колку треба државата да допринесе, туку повеќе за тоа што ние создаваме, што покажуваме. Пандемијата претставуваше еден вид предизвик за сите културни институции изминативе две години. Како се одвиваше работата на Националната галерија, со какви предизвици конкретно вие се соочивте? Тој период, 2019 и 2020 година, беше многу тежок за сите нас. Но, бидејќи сум на чело на една од најзначајните институции која треба и во убави но и во лоши времиња да биде присутна со програма која ќе го измени секојдневието, мислам дека бевме на ниво на задачата. Благодарна сум на мојот тим што и во услови на пандемија продолживме со работата. Благодарна сум на Министерството за култура кое ги поддржа сите проекти, но требаше да направиме друга преориентација на проектите, почитувајќи ги протоколите за заштита од КОВИД-19. Имавме онлајн активности, беше забрането физичко присуство, но имаше и еден проект на кој што сум особено горда, а тоа се „Уметничките дневници во време на пандемија“, каде што 50-тина уметници дадоа позитивен одзив на повикот кој што го имавме, да ни ги кажат нивните чувства како создаваа во време на пандемија. Ние уметниците секогаш сме малку интровертни во период кога создаваме, но времето на пандемија сепак беше едно светско затворање кое што не секогаш придонесува за благостостојбата на уметниците. Исто така, се придржувавме до почитување на сите мерки како што е задолжително носење на маска, држење дистанца, имавме одлични онлајн отворања на големи изложби. Не би сакала сега да набројувам иако беа бројни и јавноста ги знае, бидејќи уметниците се секогаш малку суетни кога нема да се спомене некое име па да не направам грешка, бидејќи и јас самата сум уметник. Сепак имавме одлични изложби кои останаа во сеќавањето на јавноста и ни покажаа дека да, можеме да бидеме заедно и покрај држење на дистанца и со маска. Заедно можеме да ги надминеме потешкотиите и да ја славиме уметноста исто како што го славиме и овој светски ден. Која е вашата визија за работата и иднината на Националната галерија во текот на оваа година, какви проекти се планираат? Работиме на многу проекти во моментов. Да не ги заборавиме проектите кои ги започнавме, меѓудругото сега ни е Венециското биенале кое што го отвораме на 22 април во Венеција, со уметниците Роберт Јанкуловски и Моника Монтеска. Исто така, не помалку важни се и капиталните инвестиции на просторот Мала станица, при што целта е таа да заличи на светски музеј, капиталните инвестиции на куќата на Личеноски, а почнуваме и со други зафати, на пример во тек е и архитектонската рестарацијата на музеиците и на уметничките слики, така да се надевам дека освен програмата која што ја имаме, и инфраструктурата на Националната галерија ќе заличи на светските музеи кои ги има во светски рамки. Исто така, имаме и богата ументичка програма која што следи, и тоа со автори кои се од нашата земја но и автори кои се од тука но живеат во Европа и Америка. Целта е тие да дојдат тука да ни го презентираат нивното творештво, бидејќи се меѓународно признати а нашата јавност треба да ги дознае. Визијата е да бидеме во срцето и во душата на сите, и сите да дојдат и да ја видат целата таа убавина што ја дава уметноста, токму преку активностите и преку изложбите кои ги реализира Националната галерија. Нашата мисија е да се грижиме за културното наследство на нашата земја, и да го презентираме на нивото кое го правиме низ годините. Бисера Трајковска видео: Аслан Вишко и Андреј Бранковиќ фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан