• вторник, 25 јуни 2024

Стара Градска болница одбележа 60 години, претставена идеја за доградба на нов оперативен блок

Стара Градска болница одбележа 60 години, претставена идеја за доградба на нов оперативен блок
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) – Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, позната како стара Градска болница, вечерва со свечена академија одбележа 60 години од основањето. Речиси нема жител на главниот град кој некогаш не побарал услуга во оваа болница лоцирана во центарот на Скопје, беше истакнато на свеченоста.  Во клиниката годишно се извршуваат повеќе од 200 000 амбулантско-поликлинички услуги, прегледи, интервенции и дијагностички процедури, се хоспитализираат околу 6000 пациенти и се извршуваат повеќе од 3800 операции. Клиниката има нето површина од 7500 квадратни метри и капацитет за сто лежечки болни, вкупно 322 вработени, од кои 93 лекари (супспецијалисти, специјалисти и специјализанти). Министерот за здравство Беким Сали во обраќањето истакна дека оваа здравствена јавна установа е пример за одлично функционирање во третманот на хируршките интервенции и дека е позната по реномето, искуството и експертизата и големиот број лекари од повеќе хируршки гранки кои даваат здравствени услуги на пациентите од целата држава. Тој посочи дека одделот за абдоминална хирургија има околу 1500 операции годишно, 700 операции на мускулно-скелетниот систем се извршуваат на одделот за трауматологија, а успешно, рече тој, функционираат и одделите за урологија, неврохирургија и васкуларна хирургија, детска хирургија, пластична и реконструктивна хирургија, како и Оперативниот блок и стерилизација во кој се изведуваат над 3500 хируршки зафати годишно. - Заедно со Оперативниот блок, одделенијата за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување го сочинуваат јадрото на оваа установа. Опремена со апаратура за неопходно функционирање на современа интензивна нега, на ова одделение годишно се лекуваат повеќе од 2000 пациенти со најразлична патологија, рече Сали. Министерот соопшти дека за зајакнување на специјалистичкиот кадар, за 2022 година се одобрени три специјализации - за абдоминална хирургија, за анестезиологија со интензивна медицина и за пластична и реконструктивна хирургија, како и пет супспецијализации за абдоминална хирургија и за интензивно лекување на критично болни пациенти. - Паралелно сме фокусирани на модернизирање на медицинската опрема. Заедно со Светска банка во тек е нова набавка со која до крајот на годината  12 јавни здравствени установи ќе добијат современа медицинска опрема со што интенцијата ни е, преку регионализација, нашите граѓани да ги добиваат здравствените услуги блиску до местото на живеење, рече министерот за здравство. По повод јубилејот беше прикажан филм за историјатот и развојот на клиниката   и за предизвиците за време на пандемијата со КОВИД-19 кога  за релативно краток период била потребна реорганизација и адаптирање на новосоздадените услови во функционирањето. Пандемијата ја затекнала во фаза на реконструкција почната во 2015 година, со редуциран болнички капацитет од 40 отсто. Најголем недостаток со кој се соочува клиниката се просторни и технолошки стандарди во Оперативниот блок. Во филмот беше претставена идеја за надминување на ограничениот простор на објектот со тоа што на просторот над паркингот пред главниот влез на клиниката ќе се догради нов оперативен блок со пет хируршки сали со потребните стандарди. - Сакам да верувам дека идејата што ја прикажавме на крајот на филмот нема да остане само интересна замисла. За тоа ќе ни треба помош од вас, пријатели на клиниката, и од сите претставници на институции што сте присутни тука. Доколку се има јасна визија и искрена цел за подобрување на условите во кои се лекуваат сите жители на градот, па и на целата држава, овој проект верувам набргу ќе стане составен дел на клиниката, рече д-р Љубен Арсенков, директор на Клиниката во обраќањето на свеченоста. Тој им се заблагодари и на сите компании и поединци од кои клиниката прима донации и рече дека тие се неопходни за подобрувањето на условите при третманот на пациентите. На поранешни нивни вработени кои кариерата ја продолжиле во други здравствени установи, пак, им порача доколку сакаат да се вратат во болницата - вратите им се отворени. Почетоците на установата датираат од 2 октомври 1962, кога со одлука на Околискиот одбор на Град Скопје е основано хируршкото одделение на Градската (околиска) болница, во сегашниот објект, кој е изграден пред 90 години. За основање на болницата се заслужни  докторите Јован Пановски, Владислав Груев, Иван Даскалов, Веле Велев и Будимир Галиќ. Старата Градска болница на 1 септември 2009 го доби сегашниот назив - Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. хс/сп/

Остани поврзан